Бура од реакции по бруталното претепување во Охрид: Обвинителството најави итна реакција, се испитуваат и можни влијанија врз истрагата

11

Случајот со младата охриѓанка, која со тешки телесни повреди заврши на болничко лекување откако беше брутално претепана од нејзиниот 31-годишен партнер, ја бранува домашната јавност и отвори сериозни прашања за институционалната заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Додека социјалните мрежи вријат од осуди и повици за најстрога одговорност, случајот добива и поширока институционална димензија поради сомнежите за можни притисоци врз постапката.

Обвинителството најавува брза резрешница и проверка на можни влијанија

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески денеска потврди дека охридското обвинителство интензивно го расчистува настанот и дека веќе се разговара со повредената девојка, која сè уште е хоспитализирана.

„Во обвинителството во Охрид интензивно се работи на разоткривање на случајот, свесни за тоа колку е од значење да покажеме брзо и ефикасно постапување, имајќи ја предвид опасноста од овој вид криминалитет и сите претходни случувања. Ве уверувам дека се преземаат сите истражни дејствија за целосно расветлување и очекувам во текот на денот од надлежниот јавен обвинител да бидам известен дури и за конечна јавно-обвинителска одлука“, изјави Савески.

Претходно, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид соопштија дека во рамките на итните проверки ќе се испитува и дали родителите на осомничениот се обиделе да ја искористат својата положба или влијание за да издејствуваат поповолен третман во постапката.

Против 31-годишниот осомничен досега е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда и определени му се мерки на претпазливост, што предизвика дополнителен револт кај граѓаните поради фактот што тој се брани од слобода додека жртвата се бори за закрепнување. Во меѓувреме, полицијата го приведе и таткото на нападнатата девојка по пријава дека упатил закани кон осомничениот и неговото семејство.

Шок меѓу познаниците и остра реакција од ДОМ

Информацијата за суровоста на нападот предизвика неверување и кај оние што го познавале осомничениот во Охрид, вклучувајќи го и неговиот поранешен тренер, кои посочуваат дека во секојдневието оставал впечаток на мирна, повлечена и културна личност.

На настанот остро реагираше и партијата ДОМ, од каде што предупредуваат дека случајот не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како аларм за системските пропусти и опасноста од неказнивост кога постојат сомнежи за политички или семејни врски.

Од партијата порачуваат дека наводите на мајката на девојката упатуваат на застрашувачки обиди за прикривање на настанот, нагласувајќи дека родителската грижа не смее да се претвори во штит за насилници и попречување на правдата. Потсетувајќи на седумте регистрирани фемициди од почетокот на годинава, ДОМ побара од МВР и Обвинителството целосна заштита за жртвата и нејзиното семејство, како и одговорност за секој што се обидел да влијае врз истрагата.