„Преку глава ни е од молк”: Охрид излегува на масовен протест против фемицидите и институционалното непостапување

Во сабота, 21 ноември, од 12:00 до 14:00 часот, Охрид ќе биде арена на мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство. Собирот започнува на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски", а маршот ќе заврши пред Основниот суд, откако претходно поворката ќе застане пред СВР Охрид во знак на револт поради доцнењето на заштитата за жртвите.

7

Протестот е поттикнат од гневот по бруталниот напад врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, кој се случи на 15 ноември околу две часот по полноќ. Според податоците од истрагата, расправијата меѓу Сара и нејзиниот 31-годишен партнер Кристијан Корабоски започнала во неговиот дом, а продолжила во возилото.

Кога Сара побарала да излезе, Корабоски одбил, го забрзал возилото и започнал физички да ја напаѓа додека возел. Нападот продолжил и откако го запрел автомобилот, сè додека девојката не изгубила свест, по што онесвестена ја исфрлил на патот. Корабоски е во 30-дневен притвор и се соочува со обвиненија за три кривични дела: тешка телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

„Овој случај уште еднаш покажа дека насилството не се случува некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме. Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме”, порачуваат организаторите во повикот објавен на социјалните мрежи.

Симболична маршрута: Од плоштадот до полицијата и судот

Протестниот марш ќе започне на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски”, ќе продолжи низ Охридската чаршија до зградата на СВР Охрид, па по булеварот „Македонски Просветители” ќе заврши пред Основниот суд Охрид.

Маршрутата е поставена со јасна порака — протестот застанува пред двете клучни институции за кои граѓаните тврдат дека потфрлаат во превенцијата, проценката на ризикот и навремената заштита на жртвите.

„Бараме заштита, одговорност и конкретни промени. Не сакаме да чекаме да биде предоцна!”, истакнуваат организаторите.

Застрашувачка статистика: 1.337 дела за девет месеци, 7 фемициди во 2026

Случајот во Охрид е само дел од застрашувачкиот тренд на родово базирано насилство во земјава. Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), од јануари до септември 2026 година се евидентирани дури 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство. Дополнително, во текот на 2026 година се забележани седум фемициди.

Здруженијата за женски права со години алармираат дека системските пропусти — од несериозното сфаќање на пријавите до благите казнени политики — го зголемуваат ризикот за жртвите кои најчесто страдаат во сопствените домови од страна на блиски лица. Протестот во Охрид доаѓа во момент кога Владата најавува законски измени за итно отстранување на насилниците од домот на 48 часа и воведување електронски алки, за кои јавноста бара итна и практична примена.