СДСМ со драматично предупредување: 51 милион евра од пензиските придонеси не се префрлени во вториот столб
Опозициската СДСМ преку соопштение изнесе сериозни обвинувања дека дури 51 милион евра од пензиските придонеси на работниците сè уште не се префрлени во вториот пензиски столб, иако станува збор за законска обврска. Според партијата, оваа доцнење засега околу 650.000 граѓани чии идни пензиски заштеди директно се загрозени.
Од СДСМ посочуваат дека средствата што треба да завршат во приватните пензиски фондови се пари што работниците секој месец ги издвојуваат од своите плати. Според партиското соопштение, заклучно со 31 октомври 2026 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) пропуштил да ги префрли овие средства во законски предвидениот рок.
Опозицијата нагласува дека директорот на ПИОМ има лична и законска обврска навремено да ги префрла средствата во вториот столб и дека секое одложување претставува кривична одговорност и директна закана за идната материјална сигурност на над 650.000 осигуреници.
„Бараме итна реакција од Јавното обвинителство. Со ваквото постапување директно се загрозуваат пензиските права на повеќе од 650.000 граѓани”, порачуваат од СДСМ, објави Скопје1.мк.
Дефицитот во ПИОМ надмина една милијарда евра
Покрај непрефрлањето на средствата во вториот столб, СДСМ предупредува дека дупката во пензискиот систем драматично се проширува. Според нивните податоци, дефицитот во државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување веќе достигнал една милијарда евра, што го доведува во прашање целокупниот модел на финансирање на пензиите.
Партијата ја обвинува Владата дека со лошите економски политики ги става во ризик дури и приватните заштеди на граѓаните во вториот столб со цел да ги пополни дупките во тековниот буџет.
СДСМ: 4 милијарди евра долг за две години, нов заем од 2 милијарди за 2027
Во соопштението се упатуваат и жестоки критики за задолжувањето на државата. Опозицијата тврди дека Владата за две години ги задолжила граѓаните за околу четири милијарди евра, додека за 2027 година се планира дополнително задолжување од речиси две милијарди евра.
„Нема пари за повисоки плати, за покачување на минималната плата, за пензиите, за поддршка на земјоделците и за подобрување на студентскиот оброк. Средствата од задолжувањата се насочуваат исклучиво кон криминални тендери на власта”, наведуваат од СДСМ.
Јавното обвинителство и раководството на ПИОМ засега немаат постапено ниту дадено официјален одговор на обвинувањата изнесени од најголемата опозициска партија.