АНБ разоткри криминална мрежа во Македонија: подготвувале атентат во Грција по налог на ирански агент

Десетмесечна оперативна истрага на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во соработка со странски партнерски служби разоткри криминално-терористичка мрежа во Македонија која подготвувала атентат врз однапред дефинирана цел во Грција. Операцијата била координирана од иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех, за кого постојат индиции дека работи за иранските разузнавачки служби и е поврзан со познатиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки.

14

Директорот на АНБ, Бојан Христовски, соопшти дека домашната мрежа била составена од лица етаблирани во криминалните структури во земјава, кои по директни насоки од Маванех преземале логистички и подготвителни активности за извршување на терористичкиот акт.

„Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција”, изјави Христовски.

Според истрагата, припадниците на групата одржувале тајни средби во трети земји, вклучително и во Иран, каде ги договарале деталите за операцијата. Нивниот начин на комуникација и организација бил реконструиран преку интензивна размена на разузнавачки информации со странски партнерски служби.

Чеворица во притвор, по едно лице се трага

Во полициската акција биле опфатени вкупно шест лица, потврди директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Судот одреди мерка притвор за четири лица, едно лице е ставено под куќен притвор, додека по шестиот член на групата, кој е во бегство, интензивно се трага.

Нема непосредни закани за територијата на Македонија

Одговарајќи на прашањето дали постојат сознанија за можни терористички закани во земјава, директорот на АНБ нагласи дека засега нема информации за подготвување напади на територијата на Македонија ниту пак дека македонски државјани биле цел на оваа мрежа.

Христовски истакна дека Маванех бил главниот организатор на планираниот атентат и дека АНБ ќе продолжи со тесната координација со домашните и меѓународните партнери за оневозможување на слични посреднички мрежи (proxy networks) што ги користат странски разузнавачки служби за остварување геополитички цели преку организиран криминал.