Собранието го изгласа Законот за јавни набавки со 63 гласа: Спорниот член избришан по ветото на Сиљановска-Давкова

Собранието со 63 гласа „за" го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, откако владејачкото мнозинство поднесе амандман со кој го избриша спорниот член 13 — единствената забелешка поради која претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот.

9

Законот беше вратен во Собранието на повторно разгледување откако претседателката на државата не го потпиша указот за негово прогласување, укажувајќи дека членот 13, кој предвидуваше неограничен број мандати за членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, отвора простор за концентрација на моќ и е спротивен на владеењето на правото.

Владејачкото мнозинство одговори со амандман за целосно бришење на спорниот член, со што фактички ги прифати забелешките на Сиљановска-Давкова и овозможи законот да помине во трето читање.

Гаши: Опозициските прашања на следната седница

Претседателот на Собранието Африм Гаши попладнево соопшти дека координаторите на пратеничките групи се согласиле опозициските прашања да бидат повторени во рамки на 130. пленарна седница, но не прецизираше кога таа ќе се одржи.

Донесувањето на Законот за јавни набавки се случи во рамки на 129. пленарна седница, која се одржа веднаш по договореното за следната.