По една година од иницијативата: Паркот „Бановина“ во Лисиче преименуван во „Марко Јовановски“

Новиот назив е во чест на прерано починатиот фолклорист и член на ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“. Жителите ја поздравуваат одлуката, но коментираат за „тивката“ одлука на Општина Аеродром.

127

По речиси една година од поднесувањето на официјалната иницијатива во општинскиот Совет, паркот во населбата Лисиче познат под името „Бановина“ и официјално доби нов назив – „Марко Јовановски“.

Одлуката на Општина Аеродром доаѓа како оддавање почит и траен спомен на Марко Јовановски, прерано починат жител на Лисиче и истакнат член на Ансамблот за народни игри и песни „Никола Јонков Вапцаров“, кој остави силен белег во промоцијата на македонскиот фолклор и културата во општината.

ВМРО-НП: Задоволни сме што паркот носи име на истакнат младинец 

Иницијативата за промена на името на паркот првично беше поднесена од советникот на ВМРО-Народна партија во Советот на Општина Аеродром, Даниел Самарџиски.

Поднесена иницијатива за преименување на паркот „Бановина“ во Лисиче

Иако нивниот првичен предлог беше просторот да го носи името „8-ми Септември“, од Општинскиот комитет на ВМРО-НП истакнуваат дека се исклучително задоволни од конечното решение на локалната самоуправа.

„Како единствени што ја покренаа оваа постапка, го поздравуваме усвоеното решение паркот да го носи името на Марко Јовановски – момче кое како активен дел од Ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ даде огромен придонес во афирмацијата на традицијата и достојно ја претставуваше својата општина и своето Лисиче“, истакнуваат од партијата.

Пофалби од жителите, но и критики за „дискретноста“ на процесот

Локалното население во Лисиче ја прифати одлуката со одобрување, оценувајќи дека парковите треба да оддаваат признание на заслужни сограѓани и позитивни примери од заедницата.

Сепак, дел од жителите упатуваат критики за начинот на кој беше соопштена веста. Според нив, општината постапила со непотребна воздржаност и со „штуро“ известување, што во јавноста отвори коментари дека локалната власт сакала да ја реализира промената без поголема помпа, со цел да се избегнат евентуални реакции поврзани со отстранувањето на историскиот назив „Бановина“.