Мицкоски: Договорот со ВЛЕН важи до 2028, реконструкција на Владата во ноември, лидерска средба во декември
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека нема намера да отстапува од коалицискиот договор со ВЛЕН постигнат во јуни 2024 година, дека владата е „најстабилна во Европа" и покрај ултиматумот на ЗНАМ, и дека реконструкцијата на кабинетот се очекува во ноември, а коалициската лидерска средба во декември.
Одговарајќи на прашање дали по локалните избори во Брвеница коалицискиот партнер ВЛЕН ќе добие помалку функционерски места, Мицкоски беше категоричен:
„Ова не е прашање на математика, туку на суштината на договорот постигнат при формирањето на коалицијата во јуни 2024 година. Немам намера да бидам жртва на дневната политика, затоа што зборот е збор. Договорот важи до 2028 година, кога се редовните парламентарни избори”, изјави премиерот.
Тој додаде дека разговарал со раководството на ВРЕДИ и дека одлучиле, откако ги дефинирале позициите за важни државни прашања, на работно ниво, преку кадровските партиски комисии, да ги искристализираат предлозите.
Кадровски промени и реконструкција до крајот на ноември
Мицкоски потврди дека имал разговори со лидерите на ВЛЕН и дека биле дефинирани неколку позиции што ги оцени како важни за државата.
„Одлучивме, откако дефиниравме неколку позиции што се важни за државата, во периодот што следува, во кадровските комисии на партиите, да се кристализираат овие предлози”, рече Мицкоски.
Тој потсети дека претходно го посочил октомври како рок за реконструкцијата на владата, но дека поради многуте настани што се случиле, нејзиното завршување го очекува во ноември.
Стабилност и покрај ултиматумот на ЗНАМ
Во однос на најавата на лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку биде усвоен законот за правосудниот систем, Мицкоски ја повтори пораката за стабилност на мнозинството.
„За ставот на Димитриевски ќе го прашате него. Владата се избира со мнозинство во Парламентот, а тоа мнозинство изнесува 61 пратеник. Во моментов имаме многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, можеби и најстабилна во овој дел од Европа, па и пошироко”, рече премиерот.
Тој потврди дека разговарал со Димитриевски и дека коалициска лидерска средба е планирана за декември, на која се очекува да се разговара за отворените прашања, вклучувајќи го и спорот околу правосудниот испит.