Бужаровска за „Мис Карпош”: Скандалозно е да се оценува женското тело додека Карпош ги оплакува Ивана и Катја
Писателката и професорка Румена Бужаровска остро ја критикуваше одлуката на Општина Карпош и градоначалникот Сотир Лукровски да организираат избор за „Мис Карпош" на 28 ноември како завршница на јубилејот од 50 години, оценувајќи ја манифестацијата како недозволива во период кога јавноста протестира против фемицидите и насилството врз жените.
Бужаровска ја поврза најавената манифестација со актуелниот бран протести против родово-базираното насилство и трагичните случаи во самата општина.
„Вчера во Скопје се одржа голем протест против фемицидите и системските пропусти што овозможуваат да сме трети во Европа по убиени жени поради семејно насилство. Во Карпош годинава трагично животите ги изгубија Ивана и Катја, по што општината реши да го одложи панелот „Семејно насилство – од закон до пракса“ што требаше да се одржи на 9 март. И никогаш не го презакажа. Но затоа, предлага избор на Мис Карпош”, пишува Бужаровска.
Сведување на жените на објекти за оценување
Таа потенцира дека е скандалозно општината, во време на протести, гнев и тага поради изгубените животи, да организира манифестација која во преден план го става оценувањето на младото женско тело.
„Жителите на Карпош заслужуваат достојна прослава за педесеттиот јубилеј на општината, а жителките од оваа општина не заслужуваат да бидат потценувани и изложувани на манифестација што се заснова на оценувањето на нивната атрактивност”, нагласува Бужаровска.
Алтернатива: Карпош има доволно уметници за достоен јубилеј
Писателката посочува дека Општина Карпош брои многу знаменити живи и починати, млади и возрасни уметници, музичари, писатели, глумци и режисери, и дека програмата за јубилејот може достојно да ја прикаже нивната значајност наместо да се сведува на избор на убавина.
Предупредување до градоначалникот
Бужаровска упати и директно предупредување до градоначалникот Лукровски дека јавниот гнев нема да остане без реакција.
„Градоначалникот да не се сомнева дека нашиот оправдан бес нема да му ја расипе манифестацијата, доколку таа навистина се одржи. Многу сме, гневни сме, и доста ни е”, порача Бужаровска.
Реакцијата доаѓа во контекст на засилените протести против фемицидите и насилството врз жените во земјава, кои добија нов замав по трагичните настани во Богданци и низ други градови, и кои го ставија прашањето за родовата безбедност во самиот центар на јавната дебата.