Тетово не мирува: Две лица повредени во полноќна пресметка во центарот на градот
Две лица се здобија со убодни рани во тепачка што се случила во полноќните часови во казино лоцирано во централното градско подрачје во Тетово. Според неофицијални информации од очевидци, расправијата меѓу тројца учесници брзо ескалирала, при што бил употребен и нож.
Повредените лица со убодни рани во пределот на грбот и стомакот се пренесени во болница. Едниот од нив е итно опериран во Тетовската клиничка болница, додека поради сериозноста на повредите, вториот пациент е пренесен на понатамошно лекување на клиниките во Скопје.
Засега нема официјални информации и детали од Министерството за внатрешни работи или СВР Тетово за причините што довеле до крвавиот инцидент, како и за идентитетот на учесниците. Надлежните служби се очекува наскоро да излезат со официјален билтен и подетални информации за исходот од полициската истрага.