СДСМ: Мицкоски по наредба на Вучиќ поднел кривични пријави против опозицијата, Славески сам се обвинил за Алта банка
Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Андреј Жерновски обвини дека премиерот Христијан Мицкоски, по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ и преку гувернерот Трајко Славески, поднел кривични пријави против раководството на опозициската партија, тврдејќи дека во Македонија се применува идентичен модел на владеење како во Србија.
На денешната прес-конференција, Жерновски направи директни паралели меѓу случувањата во Македонија и Србија, споменувајќи ги инцидентите со звучниот топ во Белград и аферата со Алта банка како докази за, како што рече, заедничкиот модел на притисок врз политичките противници.
Според него, кривичните пријави против раководството на СДСМ не се самостоен чин на домашните институции, туку резултат на директна инструкција од Белград, спроведена преку гувернерот на Народната банка.
Славески: Од „сè е во ред” до ограничување од 10.000 денари за еден ден
Жерновски остро ја критикуваше улогата на Народната банка и гувернерот Славески во кризата со Алта банка, посочувајќи ја контрадикторноста во неговите јавни настапи.
„Веднаш по воведувањето на присилната управа, гувернерот Славески рече, цитирам: „Сè е во ред“, но веќе наредниот ден, ако се сеќавате, воведе ограничување од десет илјади денари”, рече Жерновски.
Тој додаде дека Славески со својот потпис фактички сам се обвинил, бидејќи претходно дал дозвола за работа на банка која, според тврдењата на СДСМ, служи за перење пари.
„Времето на лагите завршува”
Од СДСМ порачаа дека премиерот Мицкоски ќе мора да се соочи со одговорноста пред институциите и дека периодот на, како што го нарекоа, систематско лажење на јавноста е при крај.
„Времето на лагите на премиерот завршува и тој ќе мора да се соочи со одговорноста пред институциите”, порачаа од опозициската партија.
Обвинувањата на СДСМ доаѓаат во контекст на продлабочената криза со Алта банка, засилените тензии во односите меѓу власта и опозицијата и дебатата за наводното влијание на српските политички и разузнавачки структури врз домашните процеси.