СДСМ: Власта подготвува отворање на пет нови рудници и ископ на антимон за туѓи бизнис-интереси

Опозицијата алармира за ризик по животната средина и здравјето на граѓаните кај Иловица, Казандол, Плавица и Кожув, тврдејќи дека природните ресурси се распродаваат далеку од очите на јавноста.

5

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение упати сериозни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и Владата, тврдејќи дека во тек е процес на распродажба на националните природни ресурси и претворање на државата во рударска зона за сметка на странски корпоративни профити.

Според опозициската партија, зад затворени врати се туркаат проекти за отворање на дури пет рударски капацитети и експлоатација на ретки метали, што според нив претставува директна закана за водата, почвата и здравјето на локалното население.

Пет нови рударски локации и контроверзен ископ на антимон

Од СДСМ наведуваат дека на листата за идна експлоатација и геолошки ископувања се наоѓаат неколку добро познати и спорни локалитети низ државата: Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица, Луке, како и планирани ископи на планината Кожув.

Посебен акцент опозицијата става на најавите за експлоатација на антимон – стратешки метал што масовно се користи во воената и наменската индустрија за производство на муниција.

„Мицкоски јавно се пофали дека македонските резерви на антимон се поголеми од оние на водечките светски производители, но свесно одбива да одговори на клучните прашања: Колку тони ќе се ископуваат? На кои точно локации? Кои странски компании ќе копаат и што ќе остане за жителите на селата што се наоѓаат во непосредна близина на идните јаловишта?“, прашуваат од партијата.

Сомнежи за лобистички договори и енергетски бизниси

Од опозициската „Бихаќка“ тврдат дека овие проекти се договараат преку нетранспарентни средби со странски лобисти од секторот за вооружување за време на посетите на премиерот во САД, повлекувајќи паралела со моделот на најавените инвестиции во дата-центри.

Дополнително, од СДСМ посочуваат на сериозната криза во домашниот енергетски сектор, правејќи контраст меѓу падот на државната АД ЕСМ и профитите во приватниот бизнис со електрична енергија.

„Додека државата тоне во нови задолжувања, а ЕСМ бележи загуби, бизнис-кругови поврзани со регионални енергетски трговци тераат профитабилни бизниси со струја и броила. Тоа се вистинските приоритети на оваа власт – бизниси и провизии на сметка на граѓаните“, се вели во партиската реакција.

Синдикална кошничка до 90.000 денари – СДСМ најавува блокади

Опозицијата потенцира дека ова се случува во услови на целосен пад на животниот стандард, кога потрошувачката кошничка достигна рекордни 90.000 денари, а граѓаните се борат за основна егзистенција.

Од СДСМ порачуваат дека нема да дозволат уништување на природната средина и дека заедно со граѓаните и еколошките активисти ќе застанат во одбрана на заедниците за да го блокираат отворањето на новите рудници во Македонија.