ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Преговорите заглавија, поради обемните рокади Мицкоски ќе мора да предложи избор на целосно нова Влада

9

Интензивните преговори меѓу владините коалициски партнери за проветрување на кабинетот на Христијан Мицкоски сè уште не резултираат со конечен договор. Поради најавените обемни кадровски промени кои опфаќаат повеќе од една третина од министерските позиции, Собранието најверојатно нема да прави само обична реконструкција, туку ќе мора да гласа за избор на целосно нова Влада во пакет.

И по синоќешните разговори, ВМРО-ДПМНЕ и партијата ЗНАМ не постигнаа компромис околу тоа кои ресори ќе претрпат промени и кои министри ќе бидат сменети. Се очекува нов круг политички консултации викендов, по што на почетокот на идната недела премиерот треба да го затвори процесот и да го достави формалниот предлог до законодавниот дом.

Спикерот на Собранието, Африм Гаши, денеска потврди дека владин предлог сè уште не е пристигнат, потенцирајќи дека кога истиот ќе биде доставен, веднаш ќе влезе во процедура.

„Трампа“ на министерства и позициите на ЗНАМ

Од неофицијалните политички брифинзи веќе се исцртува контурата на новата распределба на моќта. ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги преземе министерствата за здравство, социјална политика и демографија, евроинтеграции, како и вицепремиерското место за добро владеење кое остана празно по оставката на Арбен Фетаи.

За возврат, коалицијата „Вреди“ би ги добила ресорите правда, култура, спорт и односи меѓу заедниците.

Оваа математика директно го засега движењето ЗНАМ. Доколку ресорот Правда премине кај „Вреди“, неофицијалните информации говорат дека премиерот Мицкоски на Максим Димитриевски му го понудил Министерството за земјоделство. Од оваа позиција, наводно поради приватни причини, се очекува да се повлече актуелниот министер Цветан Трипуновски.

Сепак, од ЗНАМ не се откажуваат лесно. Тие побарале објективна евалуација на работата на сите министри во Владата, а не само фокусирање на нивниот кадар Игор Филков, за кого во партијата сметаат дека испорачал многу повеќе резултати отколку што тоа се претставува во јавноста.

Кој сè заминува од „Илинденска“?

Листата на министри кои најверојатно си заминуваат станува сè подолга. Покрај Фатмир Лимани и Арбен Фетаи, речиси е извесно заминувањето на Борко Ристовски (спорт), Зоран Љутков (култура) и Азир Алиу.

Промена сигурно ќе има и кај министерот без ресор Шабан Салиу, кој мора да биде заменет откако стана дел од судскиот процес како обвинет за пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани. На своите позиции останува Љупчо Димовски како вицепремиер за политички систем, додека Беким Сали се очекува само да ротира во друг ресор. Вистинска енигма останува статусот на Иван Стоиљковиќ и дали тој ќе добие нова понуда или дефинитивно ќе си замине од Владата.

Трка со времето и европските рокови

Ако сите овие промени се потврдат, реконструкцијата ќе опфати меѓу 7 и 8 ресори, што уставно налага гласање на Владата во пакет.

Паралелно со преговорите за функции, претседателот на Собранието Гаши информираше дека во Министерството за правда денеска се одржува важен состанок за промена на Изборниот законик. Истовремено, власта прави крајни напори до 30 јуни – рокот зададен од ЕУ – да се усвои уште некоја од преземените обврски од европската Реформска агенда.

Македонски