СДСМ: Славески морал да знае дека Алта банка не смее да влезе во Македонија, најавуваат кривични пријави доколку Обвинителството молчи
СДСМ тврди дека гувернерот на Народната банка Трајко Славески морал да знае дека Алта Груп не може да се стекне со статус на квалификуван акционер бидејќи во 2024 година била правосилно санкционирана од австриската финансиска регулаторна агенција ФМА, и најавува кривични пријави доколку Јавното обвинителство не постапи по аферата со Алта банка.
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција потсети дека Алта банка била одбиена и од Црна Гора, а партијата уште во декември 2025 година алармирала за позадината на банката, нејзините наводни врски со Вучиќ, СНС и ВМРО-ДПМНЕ, како и за сомнителниот капитал.
„Иако во Европа имаше санкции и суспензии, во Црна Гора е одбиена, Славески и Мицкоски ја носат Алта банка во Македонија”, рече Кузеска.
Законски пречки и улогата на Славески
Од СДСМ се повикуваат на член 13 од Законот за банки, според кој акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице на кое му е изречена прекршочна санкција.
„Алта Груп во 2024 година била правосилно санкционирана од австриската FMA. Славески морал да знае дека Алта Груп или Алта Банка никако не може да се стекне со статус квалификуван акционер и не смеел да дозволи влез на Алта Банка. Дополнително морал да ја погледне и репутацијата на сопственикот Давор Мацура, банкарот на Вучиќ кој стана банкар на Мицкоски, а сега е во притвор”, нагласи Кузеска.
Владини заклучоци во корист на Мацура
Кузеска посочи дека Владата на Мицкоски носела заклучоци со кои му овозможила на сопственикот на Алта банка, сега уапсениот Давор Мацура, да стекне поголем пакет акции на сметка на државата и да влезе не само во Битолска банка, туку и во осигурителна компанија.
„Не само што му дозволи да купи банка, Мицкоски му дозволи на Мацура да купи и осигурително друштво”, рече портпаролката на СДСМ.
Молкот на Обвинителството и ултиматум за кривични пријави
Кузеска нагласи дека молкот на Јавното обвинителство, и покрај сите изнесени факти и јавното признание на Славески за политичкото влијание на Мицкоски, отвора сериозен сомнеж дека се прави обид за заштита на премиерот и заташкување на скандалот.
„Нека не чека Славески повик од Мицкоски. Нека му ги одбива повиците и нека постапува. Обвинителството има обврска кон граѓаните”, порача Кузеска.
Од СДСМ бараат итно испитување на сите околности за влезот на Алта банка во Македонија — улогата на Мицкоски, постапувањето на Славески, предлогот на Кочоска, владините заклучоци, потеклото и текот на парите.
„Сите инволвирани да одговараат. Доколку Обвинителството не постапи, СДСМ најавува кривични пријави за Алта банка”, заклучи Кузеска.