СОБРАНИСКА СЕДНИЦА: Министерот Тошковски на „рендген“ пред пратениците – Левица бара одговорност преку интерпелација

1

Собранието денеска ќе ја одржи својата 106-та седница, на која централна точка ќе биде расправата за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Иницијативата е поднесена од пратеничката група на Левица, која бара политичка одговорност поради наводни пропусти во функционирањето на безбедносниот систем.

Опозициската партија во своето образложение наведува сериозни забелешки за работата на Министерството за внатрешни работи под раководство на Тошковски. Меѓу клучните обвинувања се партизација на полициските структури, селективно спроведување на законите и злоупотреба на службените овластувања за политички цели.

Пратениците од Левица посочуваат и на конкретни безбедносни пропусти кои, според нив, кулминирале со трагичните настани во Кочани. Дополнително, во интерпелацијата се наведува дека МВР потфрлило во ефикасното справување со случаите на семејно, родово и врсничко насилство, како и во борбата против говорот на омраза.

„Полицијата применува двојни стандарди во слични ситуации, што доведува до нееднаков третман на граѓаните и ерозија на довербата во институциите“, тврдат подносителите на иницијативата.

Ова е трета иницијатива за интерпелација против Панче Тошковски откако ја презеде министерската функција. Претходно, две иницијативи беа поднесени од Левица, а една од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Иако опозицијата инсистира на смена, се очекува владејачкото мнозинство да застане во одбрана на министерот, со аргументи дека ресорот се соочува со наследени проблеми и дека се работи на професионализација на полицијата.

Македонски