СТРУГА ПОВТОРНО ЦЕНТАР НА СВЕТОТ: Започнува јубилејното 65-то издание на „Струшките вечери на поезијата“

4

Под мотото „Каде што живее поезијата“, денеска во Струга свечено започнува 65-тото издание на светски познатиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП). Една од најзначајните книжевни манифестации во глобални рамки, годинава ќе биде домаќин на околу 70 еминентни поети, критичари и преведувачи од Македонија и од светот.

Фестивалската програма започнува со традиционалниот чин на садење дрво во Паркот на поезијата. Оваа година, честа ѝ припадна на годинашната лауреатка на престижната награда „Златен венец“, истакнатата холандска поетеса Анеке Брасинга. Веднаш по овој симболичен чин, планирано е поетско читање посветено на нејзиниот богат творечки опус.

Официјалниот старт на СВП е закажан за вечерва, кога на летната сцена ќе биде запален фестивалскиот оган. По звуците на легендарната „Т’га за југ“, традиционално ќе се одржи меѓународниот поетски митинг „Меридијани“. Првиот фестивалски ден ќе биде збогатен и со изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ на уметникот Живко Поповски – Цветин, кој одбележува 40 години јубилеј од своето прво учество на манифестацијата.

Богата програма и престижни признанија

Организаторите најавуваат содржински исклучително богата програма која вклучува меѓународни читања, симпозиуми и промоции на нови поетски изданија. Посебен фокус ќе биде ставен на делата на лауреатката Брасинга, како и на кандидатите за наградата „Браќа Миладиновци“.

Фестивалот, кој ќе трае до 29 јуни, предвидува бројни средби меѓу автори, издавачи и критичари, како и дебати на теми поврзани со современите текови во светската лирика.

Кулминација на Мостот на поезијата

Свеченото доделување на највисоките признанија – „Златен венец“, наградата за најдобра стихозбирка на македонски јазик „Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ (под покровителство на УНЕСКО), ќе се одржи в недела на Мостот на поезијата. Фестивалската каравана својата завршница ќе ја има в понеделник со гостување во Кавадарци.

Со учество на автори од речиси сите континенти, Струга уште еднаш ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните светски бастиони на поетската уметност и културен дијалог.

Македонски