Уставните измени се предуслов за европски напредок, Гаши бара фер и предвидлив процес

2

Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, денеска во Софија се соочи со познатата бугарска позиција: без спроведување на „европскиот консензус од 2022 година“ и уставни измени со внесување на Бугарите во Уставот, нема отворање на следната фаза од пристапните преговори со Европската Унија.

Ова го изјави претседателката на бугарското Народно собрание, Михаела Доцова, по билатералната средба со Гаши во рамките на 13. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Софија: Преговарачката рамка не е предмет на повторно отворање

Според бугарските медиуми, Доцова била јасна дека преговарачката рамка усвоена во 2022 година останува непроменлива и дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски.

Покрај ова, бугарската страна изразила загриженост за неодамнешниот инцидент со опожарување на службени автомобили на бугарската амбасада во Скопје, инсистирајќи на „фер и соодветна казна за сторителот“.

Од своја страна, Гаши ја поканил Доцова и парламентарна делегација во официјална посета на Македонија, со цел продлабочување на дијалогот меѓу двете законодавни институции.

Гаши: Европа е стратешка определба, но процесот мора да биде фер

Во своето обраќање на конференцијата, Гаши нагласи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европските вредности и добрососедските односи, но предупреди дека довербата во процесот се еродира доколку се користат билатерални условувања.

„Европската интеграција не е само политичка цел, туку стратешка определба поддржана од генерации граѓани. Донесовме тешки одлуки и историски компромиси, но процесот честопати беше изложен на билатерални условувања што создадоа чувство на неправда. Очекуваме процесот да биде предвидлив и базиран на европски критериуми. Секое одложување ја намалува довербата во европскиот проект“, истакна Гаши.

Неговата изјава ја отсликува актуелната позиција на Скопје: подготвеност за дијалог, но и барање за гаранции дека европскиот пат нема повторно да биде блокиран од нови политички барања.

Македонски