Глобален колапс на Микрософт: Тимс, Аутлук и Копилот паднати во 74 земји, засегнати и Опен АИ и разузнавачки служби
Микрософт се соочи со масовен глобален прекин на своите клучни услуги, вклучувајќи ги Тимс, Аутлук и софтверот за вештачка интелигенција Копилот, погодени од зголемено оптоварување на инфраструктурата кое се прошири и врз платформите на Опен АИ и Антропик, а последиците се чувствуваат во најмалку 74 земји ширум светот.
Во четвртокот пристигна голем број пријави за проблеми со поврзувањето на услугите на Микрософт. Од компанијата наведоа дека причината е зголемено оптоварување на нивната инфраструктура, при што серверите биле изложени на поголем притисок од вообичаеното.
Чарлс Ламана, еден од раководителите во Микрософт, експлицитно изјави дека инцидентот не е поврзан со сајбер-безбедноста, отфрлајќи ги шпекулациите за можен хакерски напад.
Бидејќи инфраструктурата на Микрософт ја користат и други технолошки компании, прекинот предизвика домино-ефект: Опен АИ и Антропик исто така пријавија потешкотии во функционирањето на своите алатки за вештачка интелигенција.
Поправките не даваат резултати — услугите повторно паѓаат
Микрософт првично објави дека гледа позитивни резултати во напорите за повторно активирање на услугите. Сепак, неколку часа подоцна, во дополнително соопштение, компанијата призна дека поправките не се одвиваат како што се очекувало и дека сè уште работи на решавање на проблемите на повеќе фронтови.
„Промените, чија цел била подобрување на услугите и отстранување на прекинот, не ги даваат очекуваните резултати”, наведува Микрософт во најновото соопштение, додавајќи дека тестира алтернативни начини за решавање на проблемот со цел да овозможи пристап за поголем број корисници без повторно преоптоварување на системите.
Компанијата претходно предупреди дека услугите што биле привремено повторно активирани може повторно да престанат да одговараат штом ќе се соочат со зголемен сообраќај.
Аутлук најпогоден, календарите и датотеките недостапни
Особено е погодена услугата за е-пошта Аутлук, која кај многу корисници е во целосен прекин. Од Микрософт наведуваат дека корисниците исто така можеби нема да можат да прегледуваат одредени датотеки или детали во апликациите за календар. Услугите за размена на пораки и онлајн состаноци, според компанијата, главно функционираат.
Од Сингапур до Филипини: 74 земји и 430 милиони корисници
Последиците од прекинот се чувствуваат во најмалку 74 земји ширум светот — од владини системи во Сингапур и Јапонија, преку австралиските разузнавачки служби, до комуникациските системи на Врховниот суд на Филипините. Повеќе од 430 милиони луѓе глобално користат апликации од пакетот Мајкрософт 365.
Прекинот ги погоди и австралиските разузнавачки служби и федералната полиција, иако официјалните лица наведуваат дека влијанието е минимално.
„Проблемите со кои се соочуваат се однесуваат главно на системот за е-пошта”, изјави за новинарите Мајк Бурџес, шеф на Австралиската организација за безбедносно разузнавање (ASIO).
И други даватели на јавни услуги во Австралија потврдија дека се погодени, но исто така наведуваат дека прекинот главно се однесува на електронската пошта.