РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ: Екологијата и транспортот со најголем дел од капиталните инвестиции, јавниот долг останува под 60%
Владата на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој најголемиот дел од дополнителните финансиски средства се насочува кон капитални расходи во секторите екологија и инфраструктура. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, на прес-конференција ги презентираше клучните промени и проекции во државната каса.
Најмногу пари за животна средина и патишта
Апсолутен лидер во распределбата на капиталните средства е Министерството за животна средина и просторно планирање, кое со ребалансот добива дополнителни 2,3 милијарди денари.
„Од оваа сума, речиси една милијарда денари се обезбедени преку проширување на сопствените сметки на Министерството, дел се средства од кредити, а околу 300 милиони денари се директно зголемување од основната буџетска сметка“, појасни Димитриеска Кочоска.
На второ место е Министерството за транспорт, на кое му се доделени 1,4 милијарди денари. Министерката посочи дека ова е неопходен чекор, бидејќи ресорот транспорт имал огромна реализација на почетокот на годината, поради што ставката за капитални расходи била речиси целосно исцрпена.
Зголемување на капиталните инвестиции е предвидено и за:
- Министерството за образование и наука: 426 милиони денари;
- Министерство за здравство и Државна изборна комисија: околу 200 милиони денари за инфраструктура и опрема.
Државниот долг останува во безбедната зона
Во однос на макроекономската стабилност, министерката за финансии информираше дека проекциите за јавниот долг се оптимистички и оти тој ќе се задржи под психолошката граница од 60 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).
„Сите тековни податоци за номиналниот БДП укажуваат дека реализацијата ќе биде повисока од нашите проекции. Ние како Министерство секогаш практикуваме попесимистичко сценарио при планирањето, но бројките покажуваат дека економскиот раст ќе биде поголем, што директно позитивно влијае врз односот на јавниот долг кон БДП“, нагласи Димитриеска Кочоска.
Ребалансот на Буџетот сега оди на разгледување и усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.