МИЦКОСКИ ПРЕДВИДУВА БРЗИ ИЗБОРИ, АХМЕТИ ПОДГОТВЕН: Фокусот, сепак, останува на претстојната реконструкција на Владата
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „набргу ќе има избори“ повторно ја разбранува политичката сцена, отворајќи го прашањето за можно предвремено гласање. Оваа реторика експресно беше поздравена од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иако во заднина извршната власт во моментов се подготвува за најавената реконструкција на владиниот кабинет.
До споменувањето на нов изборен циклус дојде откако премиерот Мицкоски го критикуваше ставот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој претходно изјави дека не смета оти Бугарија го негира македонскиот идентитет. Мицкоски обвини дека опозицијата брани туѓи, наместо национални интереси.
„Добрата вест е што набргу ќе има избори. По тие избори ќе се случи партијата што тој ја предводи да се маргинализира, а јас се надевам дека тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката“, порача Мицкоски.
На ваквите најави веднаш реагираше претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој го повтори својот континуиран став дека неговата партија е подготвена веднаш да излезе на мегдан.
„Барам предвремени избори уште од првиот ден, тоа не е изненадување. Ако утре има избори, јас сум подготвен“, изјави Ахмети.
Владината реконструкција предвреме ги открива првите заминувања
И покрај изборната реторика, премиерот во повеќе наврати досега потенцираше дека не е поборник за предвремени парламентарни избори. Главниот фокус на владејачкото мнозинство останува најавената реконструкција на Владата. Запрашан за детали околу тоа кои министри ќе бидат сменети или ротирани, Мицкоски нагласи дека приоритет му е завршувањето на консолидацијата на внатрепартиските структури.
„Сè уште не сум почнал со тоа. Посветен сум на внатрепартиската структура, очекувам овој месец да ја заокружам и потоа да се посветиме на владината коалиција“, изјави премиерот.
Сепак, во политичките кругови веќе се профилираат имињата на функционерите кои се пред заминување. Извесна е смената на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, чие последно присуство на владина седница е регистрирано уште во февруари. По подолгото отсуство од работа, проследено со објави на социјалните мрежи од патување во Тајланд, владината прес-служба веќе потврди дека Фетаи ќе биде дел од реконструкцијата.
Неизвесна е и позицијата на министерот за социјална политика, Фатмир Лимани. Причина за тоа се внатрешните несогласувања во коалицијата „Вреди“, од каде посочуваат дека за него нема простор во нивната новоформирана партија, чија промоција е закажана за 9-ти овој месец.
Дополнително, се очекува да се види дали ќе има кадровски промени и во редовите на движењето ЗНАМ, откако нивната парламентарна позиција се ослаби со излегувањето на пратеникот Миле Цеков од пратеничката група на партијата предводена од Максим Димитриевски.