„ФЛАМИНГО РЕВОЛУЦИЈА“ ВО ТИРАНА: Еди Рама го критикува учеството на Албанците од Македонија и Косово на протестите

8

Движењето „Фламинго револуција“ веќе 22 дена ја бранува албанската престолнина, а вчерашниот протест помина во знак на масовно учество на Албанци од дијаспората, но и со остри критики од премиерот Еди Рама. Демонстрантите повторно се собраа на плоштадот „Скендербег“ и маршираа кон зградата на Владата, барајќи итна оставка на премиерот и прекин на контроверзните градежни проекти на крајбрежјето.

Под слоганите „Нова Албанија“, „Дојде крајот за тебе“ и „Рама, оставка“, толпата го изрази својот револт против одлуката на власта да дозволи изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Рама: Албанците од Тетово и Приштина не се дијаспора

Албанскиот премиер Еди Рама преку социјалните мрежи упати жестоки критики до организаторите на протестот, обвинувајќи ги дека носат „политички каравани“ од Приштина и Тетово за да вршат притисок врз власта. Рама децидно се спротивстави на терминологијата со која овие граѓани се нарекуваат дијаспора.

„Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа територија. Тие, заедно со Македонците, се државотворен народ во својата земја. Истото важи и за Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава. Дијаспора се нашите емигранти во странство, а учесниците од регионот се само жртви на политички манипулации“, порача Рама.

Барања за укинување на Законот за стратешки инвестиции

Учесниците во „Фламинго револуцијата“, поддржани од протести во САД, Велика Британија, Германија, Италија и други европски земји, имаат јасни барања:

  • Итно стопирање на проектот на Кушнер;
  • Укинување на Законот за стратешки инвестиции;
  • Ревизија на регулативите за заштита на природните подрачја;
  • Оставка на актуелниот премиер.

Според аналитичарите, овој протестен бран е еден од најголемите предизвици за власта во Тирана, бидејќи ги обединува еколошките активисти, опозицијата и голем дел од иселеништвото во заеднички фронт против начинот на кој се управува со националните ресурси.

Македонски