ПОТРЕСИ ВО ЗНАМ: Советничката Стеваноска ја напушти партијата – „Не сакам да бидам декор во политички театар“
Политичката партија ЗНАМ се соочува со нов удар откако советничката во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, објави дека ја напушта партијата. Како причина за ваквата одлука таа ги наведе обидите за наметнување „политичка дисциплина“ и отсуството на искрена дебата во интерес на граѓаните.
Стеваноска упати остри критики до раководството, нагласувајќи дека партиските интереси станале поважни од потребите на прилепчани.
Стеваноска: Останувам во Советот за да не ме замени „послушник“
Иако ја напушта матичната партија, Мирјана Стеваноска е децидна дека нема да го врати советничкиот мандат. Таа нагласи дека нејзината функција е глас на граѓаните, а не на партиската хиерархија.
„Советникот не треба да биде декор во политички театар, туку активен и принципиелен глас. Нема да поднесам оставка и нема да дозволам на моето место да дојде политички послушник кој немо ќе ги следи седниците“, изјави Стеваноска.
Таа додаде дека одлуката е конечна, без оглед на притисоците или евентуалните барања од партијата за враќање на мандатот.
СДСМ: ЗНАМ се распаѓа на сите нивоа
Заминувањето на Мирјана Стеваноска предизвика експресна реакција од опозицискиот СДСМ, од каде коментираат дека ова е потврда за внатрешното корумпирање и распаѓање на партијата на Максим Димитриевски. Опозицијата потсети дека ова следи по неодамнешното заминување на пратеникот Миле Цеков, кој исто така ја напушти партијата и владејачката коалиција.
„Веруваме дека во ЗНАМ има уште луѓе кои беа измамени и не се водени од личен интерес. Им порачуваме – не бидете соучесници во предавството на земјата заедно со криминалната група“, се вели во соопштението на СДСМ.
Серија напуштања во ЗНАМ
Политичките аналитичари веќе подолго време укажуваат на тензиите во ЗНАМ, кои кулминираат со заминувања на истакнати функционери и на локално и на централно ниво. Останува да се види како ова ќе влијае врз стабилноста на владејачкото мнозинство во Собранието, но и врз капацитетот на партијата да ги реализира своите ветувања пред електоратот.