Студентка од Турција пронајдена почината во изнајмен стан
Студентка од Турција е пронајдена почината денеска во изнајмен стан на улицата „Васил Главинов“ во Штип. Телото на девојката било откриено по неколкудневна потрага од страна на нејзините колеги, кои не успевале да воспостават контакт со неа.
На местото на настанот веднаш излегле екипи на СВР Штип, возило на Брзата помош, како и интервентна единица на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Штип.
Полицијата влегла во станот преку прозорец
Според првичните информации, студентката во станот живеела сама. Откако колегите го пријавиле нејзиното исчезнување, полицијата го лоцирала сопственикот на објектот, но поради неможност да се отвори вратата, увидната екипа и пожарникарите биле принудени во станот да влезат преку прозорец.
Внатре било пронајдено безживотното тело на девојката, по што лекар од Брзата помош констатирал смрт.
Телото предадено на обдукција
Во овој момент нема официјални потврда за причините за смртта. Не е познато дали станува збор за насилна смрт, несреќен случај или природни причини.
По наредба на Јавен обвинител, телото на починатата студентка е предадено на обдукција, која треба да ги даде одговорите за точната причина и времето на смртта.
СВР Штип врши увид и работи на целосно расчистување на случајот. Повеќе детали од надлежните институции се очекуваат во текот на денот.