Охридскиот суд одреди 30 дена притвор за Кристијан Корабоски по бруталното претепување девојка

Основниот кривичен суд во Охрид му одреди 30 дена притвор на Кристијан Корабоски, кој викендов брутално претепа млада девојка во Охрид. Притворот му е одреден по предлог на Основното јавно обвинителство Охрид поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело, а Корабоски синоќа веќе е спроведен во охридскиот затвор.

10

Основното јавно обвинителство Охрид вчера по брза постапка поднесе обвинителен предлог против Корабоски за три тешки кривични дела:

  • Тешка телесна повреда
  • Противправно лишување од слобода
  • Загрозување на сигурноста

Судијата во претходна постапка во целост го прифати предлогот на обвинителот за одредување мерка притвор.

„Се одржа рочиштето по итна постапка, обвинителот поднесе обвинителен предлог за три кривични дела и барање за посебна мерка 30 дена притвор и по основи на бегство и повторување на кривичното дело, судијата се согласи со предлогот и изрече мерка 30 дена, истата се спроведува од синоќа во затворот во Охрид”.

Случајот предизвика бранувања во јавноста

Насилниот инцидент ги вознемири граѓаните на Охрид и предизвика брза реакција на граѓанскиот сектор и политичките организации. За денеска во 18 часот, Форумот на жени на СДСМ најави протест пред СВР Охрид, барајќи правна одговорност без заташкување и заштита на сите жртви на семејно и партнерско насилство.

Брзата реакција на Обвинителството и Судот во овој случај следува во период кога јавноста е исклучително сензибилизирана на тема насилство врз жени, по седумте регистрирани фемициди во Македонија во текот на 2026 година и зачестените барања за поитно и побескомпромисно постапување на правосудните органи.