Скандал на американската дипломатија на Балканот: Амбасадорката Гилфојл го промовира грчки „Актор“ при милијардните зделки за американски гас
Истражување на „Волстрит џорнал“ открива дека зад официјалните посети на амбасадорката во Атина стои платен лобист на компанијата што го градеше автопатот Демир Капија – Смоквица. Експертите алармираат за сериозен судир на интереси.
Американската амбасадорка во Грција и поранешна свршеница на Доналд Трамп помладиот, Кимберли Гилфојл, се најде во центарот на сериозен дипломатски и етички скандал. Според опсежно истражување на престижниот „Волстрит џорнал“ (Wall Street Journal), таа за време на своите официјални дипломатски мисии на Балканот директно фаворизирала приватна грчка компанија, придружувана од нејзин регистриран лобист.
Гилфојл, чија главна дипломатска задача е промоција на американскиот течен природен гас (ЛНГ) и истиснување на руското енергетско влијание од Југоисточна Европа, патува низ европските престолнини договарајќи зделки вредни милијарди долари. Сепак, како нејзина постојана „сенка“ на сите состаноци на највисоко државно ниво се појавува 39-годишниот бизнисмен Христос Марафацос.
Кој е Христос Марафацос и каква е врската со „Актор“?
Иако странските дипломати и претседатели претпоставувале дека Марафацос е дел од официјалниот дипломатски персонал на американската амбасада, тој всушност е платен лобист на грчкиот градежен и енергетски конгломерат „Актор“ (Aktor) – компанија добро позната на македонската јавност како изведувач на автопатската делница Демир Капија – Смоквица.
Федералните регистри во САД покажуваат дека „Актор“ го ангажирал Марафацос со хонорар од 160.000 долари за да им отвори врати во Белата куќа, Стејт департментот и Министерството за енергетика, веднаш откако Гилфојл пристигна во Атина.
И покрај тоа што „Актор“ е целосен почетник во енергетскиот сектор, компанијата неодамна потпиша историски 20-годишен договор вреден 6 милијарди долари за снабдување на Албанија со американски гас, како дел од т.н. „Вертикален гасен коридор“. На потпишувањето во Тирана, рамо до рамо со албанскиот премиер Еди Рама, присуствуваше токму Гилфојл.
Дипломатски притисоци и летови со приватни авиони
„Волстрит џорнал“ открива дека слични притисоци се случувале и во Софија, каде што Гилфојл директно и сугерирала на бугарската влада и на претседателот дека за енергетските проекти мора да соработуваат токму со „Актор“. Изворите наведуваат дека извршниот директор на грчката компанија дури и лично ја превезувал американската амбасадорка во Бугарија со приватен авион.
Притоа, Марафацос присуствувал на сите овие државнички средби без никогаш да им открие на домаќините дека тој всушност е платен застапник на грчкиот конгломерат.
Поранешни дипломати и безбедносни аналитичари го оценија ваквото постапување како исклучително опасно.
„Ова е апсолутно проблематично. Доведувањето на регистриран корпоративен лобист на официјални меѓувладини состаноци го отвора прашањето дали се застапуваат националните интереси на САД или приватни бизнис профити“, предупредува Робин Брукс, поранешна директорка за Балканот во американскиот Совет за национална безбедност.
Политички врски и одбрана на амбасадорката
Марафацос, бизнисмен израснат во Мериленд, има длабоки политички корени во движењето на Доналд Трамп – тој раководеше со иницијативата „Грчки гласови за Трамп“, а самиот претседател Трамп во минатото јавно го фалеше во Белата куќа. Тој исто така и помагал на Гилфојл при подготовките за сослушувањата во Сенатот пред нејзиното стапување на амбасадорската должност.
Од правниот тим на амбасадорката Гилфојл ги отфрлаат сите обвинувања за фаворизирање. Нејзиниот адвокат, Џеси Бинал, тврди дека таа соработува рамноправно со целиот енергетски сектор и дека дејствувала во целосна согласност со протоколите на Стејт департментот.
Од „Актор“ исто така негираат дека нивното вклучување во регионалниот гасен коридор е плод на интервенција на Гилфојл, тврдејќи дека нивните проекти започнале пред таа да пристигне на дипломатска служба во Грција.