Престројувања во опозицијата: Мециновиќ од Левица седнува на иста маса со поранешните функционери на СДСМ од платформата „12:05“
Додека иницијативата на незадоволните социјалдемократи бара окрупнување на опозицискиот фронт, раководството на „Бихаќка“ обвинува за внатрепартиски пуч инспириран од власта.
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска ќе учествува на јавната трибина „Што по 35 години?“, организирана од демократската платформа „12:05“, неформална иницијатива составена од истакнати поранешни и актуелни функционери на СДСМ. Настанот е посветен на анализа на политичкиот систем, наследството од изминатите три и пол децении плурализам и дефинирање на идните политички чекори во државата.
Од Левица потврдија дека влегуваат во дебатата со сопствена автентична позиција, нагласувајќи дека ова е дел од серијата консултации што партијата ги води со различни општествени и опозициски чинители.
Левица: Ние сме носители на опозицискиот простор
Од партијата предводена од Димитар Апасиев порачуваат дека нивното присуство на ваквите форуми е резултат на стекнатиот парламентарен и политички легитимитет.
„Левица денес е консолидирана парламентарна сила со сопствен политички капацитет, јасно препознатлив левичарски идентитет и носител на опозицискиот простор. Оттука, нашите позиции се неминовен дел од секоја расправа за тоа како треба да изгледа следната политичка фаза во државата. Во услови кога досегашниот политички модел ги покажа сите свои слабости, Левица влегува во ваквите разговори со сопствена тежина, стекната преку бескомпромисно опозициско дејствување и конфронтација со власта“, соопштија од партијата.
Платформата „12:05“: Не правиме нова партија, бараме широк фронт против власта
Претставниците на платформата „12:05“ – меѓу кои се поранешни министри, пратеници и високи партиски функционери како Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ – порачаа дека нивната иницијатива нема амбиција да прерасне во нов политички субјект, ниту пак да настапува со независни кандидатски листи на претстојните избори.
Нивната цел, како што посочуваат, е отворање простор за дијалог и окрупнување на раситнетиот опозициски капацитет кај граѓаните со цел политички пораз на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче гледа „пуч“, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека на земјата и треба сериозна опозиција
Појавата на платформата „12:05“ веќе предизвика длабоки потреси на „Бихаќка“. Актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, и раководството на партијата отворено ги обвинија иницијаторите за обид за внатрепартиски пуч и преземање на партијата, тврдејќи дека тие уживаат логистичка и медиумска поддршка од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, со иронија ги коментираат превирањата кај политичките опоненти, оценувајќи дека на Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција, за разлика од сегашниот СДСМ, кому „секогаш некој друг му е виновен за сопствените порази“.