Китановиќ не се повлекува по спорната објава за Младиќ: „Нема да клекнам пред политички линч“
Китановиќ вели дека со ниту една своја постапка, ниту во приватниот живот, ниту при извршувањето на јавната функција, никогаш свесно не навредил, понижил или повредил припадник на кој било народ, вера или етничка заедница.
„Напротив, целиот мој живот сум го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, помагајќи им на луѓето без да прашувам како се викаат, на кој јазик зборуваат или на кој народ му припаѓаат“, наведува тој.
Во однос на спорната објава, Китановиќ вели дека ја избришал речиси веднаш, но додава дека нема да се откаже од, како што наведува, вистината за своето семејство.
„Дел од моето најблиско семејство во Босна и Херцеговина преживеало воени околности благодарение на регуларните воени единици предводени од генералот Ратко Младиќ. Тоа е дел од нашето лично и семејно искуство и никој нема право да бара од мене да го избришам од сопствената меморија“, пишува Китановиќ.
Тој нагласува дека неговото лично чувство на благодарност за спасените членови на семејството, како што вели, никогаш не било, ниту ќе биде негирање или омаловажување на туѓата болка, жртви и загуби.
„И токму тука завршува извинувањето, а започнува мојот одговор на хајката“, наведува Китановиќ.
Тој ги отфрла обвинувањата дека неговата објава треба да се толкува како став на институцијата со која раководи или како став на Владата и тврди дека она што следувало во изминатите денови ги надминало границите на легитимната критика.
„Станува збор за организирана политичка и медиумска пресметка, за јавно жигосување и обид за политички линч. Од една избришана објава се конструира обвинителен акт против мене, против мојата партија, па дури и против народот на кој му припаѓам“, вели директорот.
Китановиќ во статусот се осврнува и на политичките структури кои, според него, денес делат лекции за морал, мир и соживот, а чие политичко минато, како што наведува, е оптоварено со тешки настани од поновата македонска историја.
„Јас сум подготвен да ја понесам одговорноста за секој свој збор. Но нема да ја понесам одговорноста за туѓите манипулации со моите зборови“, наведува Китановиќ.
Тој додава дека нема да прифати повлекувањето на објавата да биде претворено во признание за нешто што, според него, не го направил, ниту пак неговата човечка пристојност да биде протолкувана како слабост.
Китановиќ воедно упатува извинување до премиерот Христијан Мицкоски и до членовите на Владата, поради, како што наведува, нивното непотребно вовлекување во политичката пресметка.
„Искрено му се извинувам на претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски и на членовите на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност“, пишува тој.
Но, истовремено, директорот вели дека нема да се повлече пред притисоците.
„Не тргувајте со жртвите. Не градете политички кариери врз гробови. Не користете ја трагедијата на еден народ за да го навредувате другиот. И не очекувајте дека под притисок на организирана хајка ќе молчам додека преку моето име се плука по мојот народ и моите политички убедувања“, порача Китановиќ.
Од Владата претходно за ТВ21 изјавија дека Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежен меѓународен суд, а ставот на Китановиќ го оценија како негов личен став и како неприфатлив за Владата.
„Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата“, порачаа од Владата, додавајќи дека волунтеризмот е неприфатлив.
Од Владата исто така порачаа дека доколку Китановиќ не го повлече својот став и не се согласува со владините политики, очекуваат тој да се повлече од позицијата што ја извршува.
Случајот предизвика реакции откако Китановиќ на Инстаграм објави фотокомпозиција на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со повеќе личности од српската историја, меѓу кои и четничкиот командант Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“.
Објавата, според самиот Китановиќ, била избришана речиси веднаш.