Китановиќ по владиниот ултиматум: Му се извинувам на премиерот Мицкоски, но нема да клекнам пред политички линч за спасувањето на моето семејство
По бурните реакции во јавноста и предупредувањето од Владата да ги повлече своите ставови за Ратко Младиќ или да поднесе оставка, директорот Далибор Китановиќ излезе со опширно јавно обраќање. Во него тој упати официјално извинување до премиерот Христијан Мицкоски и владиниот кабинет за политичките непријатности, образложи дека неговиот мотив бил од семејна природа поради војната во Босна и Херцеговина, но истовремено упати остри критики до политичките опоненти, обвинувајќи ги за организиран јавен линч.
Семејна меморија наспроти политички обвинувања
Китановиќ потенцира дека спорната објава на социјалните мрежи ја избришал речиси веднаш, нагласувајќи дека во целиот свој живот се водел од принципите на соживот, почит и солидарност кон сите заедници. Сепак, тој децидно одби да се откаже од, како што вели, личната вистина за своето семејство.
„Дел од моето најблиско семејство во Босна и Херцеговина преживеа воени околности токму благодарение на воените единици предводени од генералот Ратко Младиќ. Тоа е дел од нашето семејно искуство и никој нема право да бара од мене да го избришам од сопствената меморија. Моето чувство на благодарност никогаш не значело, ниту ќе значи негирање или омаловажување на туѓата болка, жртви и трагедии“, посочува Китановиќ.
Извинување до премиерот Мицкоски и Владата
Во своето обраќање, тој упати директно извинување до претседателот на Владата и министрите поради притисокот на кој беа изложени изминативе денови.
„Искрено му се извинувам на премиерот Христијан Мицкоски и на сите членови на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат апсолутно никаква одговорност“, нагласува тој.
Остар одговор кон критичарите: „Не тргувајте со жртви и гробови“
Китановиќ порача дека нема да дозволи неговата човечка пристојност да биде протолкувана како слабост и упати жестоки пораки до политичките партии и медиумите кои побараа негово разрешување.
„Она што следуваше одамна ги надмина границите на легитимната критика. Ова е класичен обид за политички линч и жигосување преку кој се конструира напад врз мојата партија и мојот народ. Особено е лицемерно лекции за морал и мир денес да делат структури чие сопствено минато е оптоварено со тешки настани од поновата македонска историја. На политичките мршојадци им порачувам: Не тргувајте со жртвите, не градете кариери врз гробови и не очекувајте дека под притисок ќе се откажам од своето достоинство“, дециден е Китановиќ.
Своето обраќање тој го заврши со религиозна порака и цитат од Библијата на пророкот Исаија, нагласувајќи дека последниот суд не им припаѓа на политичките штабови и медиумските инквизитори, туку на Бога.