Гаши дециден: Собраниските блокади нема да предизвикаат предвремени избори, сите закони одат на пленарна седница

3

Процедуралните блокади и одолговлекувањата во законодавниот дом нема да бидат причина за предвремено распуштање на Собранието и одење на предвремени парламентарни избори. Ова денеска на брифинг со новинарите го порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, нагласувајќи дека парламентот нема да дозволи да биде искористен како инструмент за предизвикување политичка криза.

Блокираните закони ќе се најдат пред пратениците

Спикерот Гаши најави дека сите законски решенија што изминатиот период беа заглавени во собраниските лавиринти – вклучително и оние од сферите на правичната застапеност, правосудството и образованието за кои е потребно гласање по Бадентер – експресно ќе бидат ставени на дневен ред на претстојните пленарни седници.

„Не треба една злоупотреба на Деловникот да биде повод за распишување предвремени избори. Наша должност е законите да ги ставиме на дневен ред, а пратениците во салата ќе одлучат дали за нив постои потребното мнозинство. Се разбира, прашањето за избори е политичка одлука за која се одлучува на друго, партиско ниво“, истакна Гаши.

Гаши за редовен мандат, Мицкоски подготвен за пресметка

Ставот на претседателот на Собранието доаѓа по двомесечните опструкции од страна на опозициската ДУИ и нејзините партнери, кои преку процедурални забелешки ги блокираа комисиите и разгледувањето на законите поврзани со немнозинските заедници.

Оваа тема доби на тежина откако премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати изјави дека иако владината опција се редовни избори во 2028 година, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да бегаат од предвремено соочување доколку опозицијата официјално го побара тоа.

Гаши денеска повтори дека неговиот личен став е парламентот да го заврши својот целосен четиригодишен мандат, но напомена дека конечниот епилог останува во рацете на партиските лидери и волјата на парламентарното мнозинство.