Гори ридот под Балтепе, хеликоптер и пожарникари дејствуваат над православните гробишта

75

Пожар на отворен простор попладнево избувна на ридот под Балтепе во Тетово, во непосредна близина на православните градски гробишта. Поради исклучително тешкиот и непристапен терен за противпожарните возила, во акцијата за гаснење веднаш беа вклучени и воздухопловни сили.

На терен, покрај екипите на Територијалната противпожарна единица од Тетово кои се обидуваат пеш да се пробијат до огнот, дејствува и противпожарен хеликоптер кој со прецизни исфрлања на вода врши локализирање на пламените јазици.

Густиот чад кој се издига над ридот предизвика сериозна паника и вознемиреност кај жителите на Тетово. Граѓаните алармираат дека постои реален ризик огнената стихија за кратко време да се прошири нагоре по падината кон викенд-населбата „Кралево Брдо“ и културно-историскиот комплекс на Тетовското кале, доколку жариштето не биде ставено под целосна контрола во најбрз можен рок.

Противпожарните екипи остануваат на терен со максимален капацитет сè до целосно ликвидирање на огнот.