„Стоп за сечата и бетонизацијата на Водно“: „Шанса за Центар“ покрена петиција за итно повлекување на ДУП-от за Барутана

1

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ започна масовна петиција со која бара од Општина Центар итно да го повлече и темелно да го преработи Нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) за локалитетот Барутана на падините на Водно. Од иницијативата алармираат дека со овој урбанистички документ се планира изградба на десетици нови објекти на стрмен, пошумен терен, што директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и го уништува природниот штит на Скопје.

Водно – природна одбрана од поплави и ерозија

Активистите потсетуваат дека шумата на Водно, засадена со децениски труд на претходните генерации, има витална заштитна функција – го брани градот од поројни поплави, свлечишта и ерозија на земјиштето.

„Предвидената изградба на нови згради и куќи директно удира врз квалитетот на животот и безбедноста на жителите. Мора да се изврши силен граѓански притисок за да се стопираат овие штетни решенија кои уништуваат шумски предели и пресекуваат историски планинарски патеки. Затоа ги повикуваме граѓаните масовно да ја потпишат и споделат петицијата“, порачуваат од „Шанса за Центар“.

Драстично кршење на Генералниот урбанистички план (ГУП)

Од иницијативата посочуваат на сериозни правни и урбанистички отстапувања во предложениот нацрт-план, кој повеќекратно ги надминува рамките пропишани со Генералниот урбанистички план на Скопје:

  • Параметрите за просечен процент на изграденост за домување се пречекорени за речиси шест пати;
  • Параметрите за бруто развиена површина за изградба на станбени единици се надминати за 4,5 пати.

Од „Шанса за Центар“ децидно потсетуваат на Членот 35, Став 5 од Законот за урбанистичко планирање, според кој секој детален план што не е усогласен со повисокиот ГУП е незаконски и правно неприменлив.

Со петицијата, граѓаните бараат локалната самоуправа во Општина Центар да застане на страната на јавниот интерес, заштитата на животната средина и безбедноста на скопјани, наместо да ги фаворизира градежните апетити на сметка на планината.