Герасимовски ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ: „Не се потрошени 6,6 милиони денари, апликацијата ја изработи наш вработен за 200 евра“

10

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, категорично ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека општината потрошила 6,6 милиони денари за изработка на нова мобилна апликација. Герасимовски нагласи дека за програмирањето и развојот на софтверот не бил издвоен ниту еден денар од општинскиот буџет.

Според појаснувањето од локалната самоуправа, апликацијата е плод на волонтерски ангажман на лице веќе вработено во општината, а единствените направени трошоци биле околу 200 евра, наменети исклучиво за административните такси за поставување на дигиталните продавници „Apple App Store“ и „Google Play“.

„Уште еднаш, со цел да се стави крај на намерните манипулации и извртување на вистината: за изработката на мобилната апликација не е потрошен ниту денар од општинската каса, ниту пак на вработениот му е исплатен некаков милионски хонорар за таа намена. Таква трансакција едноставно не постои“, се наведува во официјалната реакција.

Герасимовски јавно ја повика опозициската партија да излезе со конкретни докази и да презентира документ во кој се потврдуваат нивните наводи за исплата од 6,6 милиони денари за оваа намена.

„Вчера дадовме прецизен одговор, но очигледно некому не му одговараат фактите. Наместо да се занимаваат со измислени милионски суми, ги повикувам од ВМРО-ДПМНЕ да понудат реални идеи и корисни проекти за жителите на Центар. Лагите и спиновите нема да изградат ниту ново училиште, ниту нов парк – тоа се прави само со посветена работа и резултати“, порача Герасимовски.

Од Општина Центар дополнуваат дека мобилната апликација претставува практична дигитална алатка чија единствена цел е да им овозможи на граѓаните полесен и побрз пристап до јавните сервиси и информации преку директно преземање на содржините од официјалната веб-страница.