Дарковска: Општинската зграда во Прилеп е претворена во партиско студио на ДПМНЕ – ресурсите на граѓаните се злоупотребуваат во работно време
Советничката во Советот на Општина Прилеп од редовите на ВМРО-Народна партија, Сузана Дарковска, упати остра реакција обвинувајќи ги советниците на ВМРО-ДПМНЕ за класична злоупотреба на општинските институции и ресурси за партиски цели.

Според Дарковска, советници од владејачкото мнозинство, кои се истовремено вработени во државни институции, за време на своето работно време снимиле партиска прес-конференција во „Зелената сала“ сместена во самата општинска зграда. Како дополнителен прекршок, таа го посочува фактот што овој партиски материјал потоа бил објавен и промовиран директно преку официјалната Фејсбук-страница на Општина Прилеп.
„Општината не е приватна сцена за самопромоција“
„Ова не претставува информирање на јавноста, туку груба злоупотреба на јавните добра за партиска самопромоција. Лица кои земаат плата од државниот буџет го трошат работното време за да го фалат својот градоначалник, претворајќи ја општинската зграда во приватно студио, а официјалните институционални канали во партиски билборд“, нагласува Дарковска.
Советничката посочува на, како што вели, двојните стандарди и лицемерието на оние кои јавно се залагаат за владеење на правото, а во пракса први ги кршат тие принципи.
„Оние кои постојано зборуваат за правна држава и одговорност, први ги газат тие начела. Преку ден се претставуваат како борци против злоупотребите, а во реалноста самите ги практикуваат најгрубите форми на узурпација – присвојување на јавни простории, крадење на работното време и користење на официјални профили за политичка пропаганда. Ова е отворено непочитување кон граѓаните кои очекуваат институциите да му служат на јавниот интерес, а не на партискиот маркетинг“, додава советничката од ВМРО-НП.
Повик за одговорност и заштита на институциите
Дарковска порача дека политичкиот пи-ар треба да се одвива надвор од општинските капацитети и на сопствен трошок на партиите.
„Доколку сакаат да го фалат градоначалникот, нека си платат сала, нека си земат слободен ден од работа и нека објавуваат на своите партиски платформи. Општинската зграда и официјалните страници не се нивни приватни реквизити. Сè додека ваквото однесување се толерира, станува збор за институционална деградација, а не за функционална демократија“, заклучува Дарковска во својата реакција.