Здравствен аларм во Тетово: 139 деца побарале помош на педијатрија за 48 часа, Алијанса за Албанците прашува зошто институциите молчат

14

Во период од само два дена, на Одделот за педијатрија при Клиничката болница во Тетово биле прегледани дури 139 деца со симптоми на висока телесна температура, повраќање и дијареја, при што 12 од нив се задржани на болничко лекување. По овие загрижувачки податоци, со реакција се огласи опозициската Алијанса за Албанците (АА), обвинувајќи ги здравствените власти за примена на двојни стандарди и молк во јавноста.

Обвинувања за селективен пристап и политизација на здравството

Од партијата јавно прашуваат зошто надлежните институции, министерствата и директорите не свикуваат вонредни прес-конференции за ситуацијата во Тетово, правејќи директна паралела со начинот на кој неодамна се известуваше за здравствената состојба во соседниот Гостивар.

„Каде се денес официјалните предупредувања и прес-конференциите? Каде се министрите и директорите кои во Гостивар го броеја секој поединечен преглед, телефонски повик и советување само за да создадат паника и да ги користат бројките за дневно-политички напади? Во Гостивар се пласираа кумулативни податоци со политичка цел иако реалниот број на хоспитализирани беше значително помал, додека денес, кога имаме 12 реално хоспитализирани деца во Тетово за само 48 часа, институциите избраа тотален молк“, се наведува во соопштението на Алијанса за Албанците.

Барање за исти стандарди и еднаква одговорност

Од партијата порачуваат дека јавното здравје на граѓаните, а особено на најмладите, не смее да биде заложник на партиски пресметки ниту пак да се третира селективно според тоа кој раководи со одредена општина.

„Здравјето на граѓаните не смее да зависи од дневниот политички интерес. Кога се избира молк за вака сериозни бројки во Тетово, јавноста со право бара транспарентност и одговори. Бараме исти критериуми, еднакви стандарди и целосна институционална одговорност за сите граѓани без исклучок“, порачуваат од опозициската партија.