Сојузот на борци бара Мицкоски да го „ослободи“ локалниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од поединци кои шират раздор

12

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово вечерва одржа вонредна седница на која Претседателството едногласно го осуди скандалозното соопштение на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од 15.07.2026 година.

Сојузот донесе заклучок со посебен допис да се обрати до Претседателот на Владата на Македонија и Претседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицковски во кој ќе изрази незадоволство од ваквиот низок и срамен чин и ќе побара негов личен ангажман тетовскиот комитет на партијата со кој Сојузот на борци има долгогодишна успешна соработка и кој обединува храбри и достоинствени граѓани кои се вистински патриоти да се ослободи од поединец кој веќе подолго време не може да се носи со чувството на инфериорност, не ги простува туѓиот успех, принципиелност и интегритет и ги доживува како конкурентна повисока вредност.

Македонскиот национален интерес е повикан да го штити секој еден согласно своите сили и можности. Сојузот на борците како една од најстарите општествени организации е доследен во своите залагања за одбрана на македонскиот антифашистички темел на Тетово. Сојузот на борци се гордее што во своите редови има поединци кои се светла иднина на градот и татковината Македонија.

Во сите јавни излагања и иницијативи пристапуваме со особено внимание за да не навредиме ничии чувства и да го зачуваме националното единство. Ваквата срамна реакција е целосно непредизвикана и зачудувачка. Со кој наш збор или постапка ние станавме проблем за комитетот на политичката партија што се дрзна вака да навредува? Наместо очекуваната поддршка, се соочуваме со напади токму од оние од кои најмалку очекувавме ваков однос и кои, по својата улога и одговорност, се најповикани да го штитат националниот интерес. Нагласуваме дека членството на политичката партија ВМРО ДПМНЕ постојано ни изразува поддршка и тоа е многу поважно од гестот на оние кои пишуваат соопштенија.

Македонската јавност е созреана и доволно искусна, нека следи и сама нека носи суд.

 

(интегрален текст од соопштението на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи)

Македонски