Нов енергетски шок: Светот има доволно нафта, но нема кој да ја преработи
Иако стравувањата од недостиг на сурова нафта на светските пазари стивнуваат, глобалната економија се соочува со нов, критичен предизвик. Проблемот веќе не е во количината на расположлива нафта, туку во ограничените капацитети на рафинериите да ја преработат во бензин и дизел, што се заканува да ги задржи цените на горивата на високо ниво во наредниот период.
Додека цената на барел нафта се стабилизира над 80 долари по повторните тензии во Ормускиот Теснец, аналитичарите предупредуваат дека вистинското тесно грло на енергетскиот пазар е производствениот систем.
Рафинериите работат со намален капацитет, производството на бензин падна за 10%
Според податоците на Наташа Канева, директорка за истражување на стоковите пазари во „JPMorgan“, глобалните рафинерии во моментов преработуваат за 8,4 милиони барели сурова нафта дневно помалку во споредба со периодот пред почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Овој пад резултираше со намалување на глобалното производство на бензин за приближно 10 проценти.
„Прашањето повеќе не е дали суровата нафта ќе се врати на пазарот, туку колку брзо глобалниот систем ќе може да ја трансформира во употребливо гориво“, истакнува Канева.
Геополитички напади и климатски промени како главни кочничари
Кризата во преработувачкиот сектор е резултат на комбинација од воени конфликти и екстремни временски услови. Рафинериите на Блискиот Исток беа цел на напади од страна на Иран, додека Украина стратешки ги таргетира руските енергетски постројки, дополнително десеткувајќи ги капацитетите.
Покрај воените дејствија, ефикасноста на рафинериите е сериозно загрозена и од екстремно високите температури ширум светот, кои го отежнуваат деликатниот процес на дестилација на нафтата.
Кина и Русија го менуваат пазарниот баланс
Дополнителен притисок врз понудата доаѓа од двата клучни играчи – Кина и Русија. Пекинг значително ја намали преработката на нафта (за три милиони барели дневно), пренасочувајќи се кон домашно производство на струја од јаглен и забрзана електрификација на возниот парк. Истовремено, Кина го ограничи извозот на горива, што предизвика сериозен дефицит во Југоисточна Азија.
Од друга страна, Русија, како втор најголем светски извозник на дизел, воведе целосна забрана за извоз на овој енергенс поради оштетувањата на сопствената инфраструктура од украинските напади. Овој потег повлече со себе околу 12 проценти од глобалниот извоз на дизел, што директно влијаеше на глобалниот недостиг.
Цените на дизелот веќе во пораст, прогнозите остануваат песимистички
Последиците веќе се чувствуваат на берзите – цената на дизелот порасна за 20 проценти во изминатите три недели. Експертите од „Tortoise Capital“ и „Macquarie Research“ се согласни дека иако сурова нафта има доволно (производството на Блискиот Исток е зголемено за 4 милиони барели дневно), нејзиниот пат до крајните потрошувачи е блокиран.
Заклучокот на аналитичарите е јасен: дури и при целосна стабилизација на испораките на сурова нафта, цените на бензинските пумпи ќе останат високи сè додека не се обноват и модернизираат рафинериските капацитети во клучните региони.