РЕФОРМА НА ТАРИФИТЕ: Евтина струја и во сабота, но и укинување на ноќната тарифа?

6

Традиционалниот начин на користење на евтината електрична енергија во Македонија наскоро би можел да претрпи кореннити промени. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува нов тарифен модел кој предвидува проширување на дневната евтина струја и воведување на истата во сабота, но истовремено се размислува за кратење или целосно укинување на евтината тарифа во текот на ноќта.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА открива дека енергетскиот пазар е влезен во фаза каде досегашните навики на потрошувачите повеќе не одговараат на економската логика. Главната причина за најавените измени е огромниот раст на производството од фотоволтаичните централи, што ги менува периодите кога струјата е најевтина на пазарот.

Дневни вишоци наместо ноќни заштеди

Според анализите, најниските цени на регионалните берзи во моментов се бележат во периодот од 11 до 15 часот, кога производството од сонце е на врвот. Поради ова, РКЕ размислува да ги мотивира граѓаните поголем дел од потрошувачката да ја префрлат токму во овој термин.

Од друга страна, сериозно се преиспитува ноќната евтина тарифа.
„Економски повеќе не е логично да имаме евтина струја од 22 до 24 часот, бидејќи токму тогаш електричната енергија на берзите е најскапа“, нагласува Ристов.

Евтина струја за цел викенд?

Една од позначајните новини кои се разгледуваат е воведување на евтина тарифа и во сабота. Бидејќи индустријата во сабота работи со намален капацитет, се појавуваат вишоци на струја кои би можеле да им се понудат на домаќинствата по повластена цена, слично како што е случајот во недела.

Кога би стапиле на сила промените?

Иако конечна одлука сè уште нема, математичките модели се во тек. Доколку се потврди економската оправданост, новиот модел би можел да стане реалност од 1 јануари 2027 година.

„Не е исклучено новите правила да важат само сезонски, односно во пролетните и летните месеци кога сончевото производство е најголемо. Нашата цел е јасна: поефикасен систем и пониски сметки за граѓаните“, дециден е првиот човек на РКЕ.

Од Комисијата уверуваат дека пред било каква официјална промена ќе биде организирана широка јавна расправа со сите засегнати страни за да се дојде до најоптималното решение за домаќинствата.

Македонски