ЕКСТРАДИРАН ВОЗАЧОТ ШТО ПРЕГАЗИ ЖЕНА ВО КАПИШТEЦ: 19-годишниот Саитов од српски притвор спроведен во „Шутка“

6

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов, по кој македонската полиција трагаше со меѓународна потерница, денеска е екстрадиран од Србија во Македонија. Осомничениот за трагичната сообраќајна несреќа во скопската населба Капиштец, веднаш е спроведен во затворот „Скопје“, каде ќе ја издржува претходно определената мерка притвор.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека екстрадицијата е реализирана успешно по завршување на правните процедури меѓу министерствата за правда на Македонија и Србија. Саитов ќе биде задржан во истражниот затвор до почетокот на судскиот процес.

Mладиот скопјанец е главен осомничен за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 9 јануари 2026 година. Според наводите во истрагата, тој управувал автомобил „Фолксваген Пасат“ со кој усмртил жена-пешак. Наместо да застане и да помогне, Саитов побегнал од местото на настанот, а набргу потоа успеал и да ја напушти државата.

Поради неговото бегство, МВР на 12 јануари распиша меѓународна потерница. По еден месец во бегство, тој беше лоциран и лишен од слобода во Белград во текот на февруари.

Обвинителството го товари за две тешки кривични дела:

  • Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот;
  • Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

За овие дела, согласно Кривичниот законик, предвидени се затворски казни. Со денешното предавање на македонските органи, се отвора патот за правна разрешница на овој случај кој ја вознемири скопската јавност на почетокот на годината.

Македонски