ПРИСТИГНУВА ЛЕТОТО: Денеска е најдолгиот ден во годината, температурите се искачуваат до 37 степени
Астрономското лето на северната хемисфера започнува денеска во 10:24 часот. На денот на летниот солстициум, граѓаните ќе го искусат најдолгиот ден во годината кој ќе трае 15 часа и 14 минути, придружен со многу топло време и портокалови температурни фази.
Метеоролозите најавуваат сончев и многу топол ден со максимални температури кои на повеќе места ќе достигнат до 37-от степен. Сепак, попладневните часови може да донесат локална дестабилизација на атмосферата.
Според УХМР, главно во северозападните делови од државата постојат услови за појава на нестабилност проследена со краткотраен дожд, грмежи и ретка појава на град. И покрај најавените врнежи, УВ-индексот ќе биде многу висок, па се препорачува почитување на мерките за заштита од директно сонце.
Најава за промена на времето од утре
Веќе од утре се очекува одредена промена на метеоролошката состојба. Синоптичарите предвидуваат почеста појава на дожд и грмежи, проследени со засилен ветер од северен правец. Иако ветерот и облачноста ќе бидат поизразени, температурите и понатаму ќе се задржат на високо ниво, слично на денешните вредности.
Граѓаните кои планираат активности на отворено во претстојните денови треба да бидат внимателни на наглите промени на времето и честата појава на електрични празнења.