ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА МАКЕДОНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ: Ниту еден наш универзитет меѓу 2.000-те најдобри во светот
Македонското високо образование го допре дното на меѓународната сцена. На најновата престижна листа „Глобал 2000“, објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), нема ниту една образовна институција од Северна Македонија. Додека земјите од регионот бележат солидни резултати и имаат по неколку претставници, најстариот и најголем македонски универзитет, УКИМ, останува надвор од мапата на квалитетни светски училишта.
Балканот нè престигна: Србија со четири, Хрватска со три претставници
За разлика од Македонија, соседна Србија доминира во регионот. Универзитетот во Белград е најдобро пласиран од просторите на поранешна Југославија, заземајќи го високото 393-то место. Покрај него, на листата се и универзитетите во Нови Сад (1.136), Крагуевац (1.549) и Ниш (1.886).
Словенија е застапена со Универзитетот во Љубљана (444) и оној во Марибор (1.293), додека Хрватска има три претставници: Свеучилиштето во Загреб (522), Сплит (953) и Риека (1.658). Овие податоци го отвораат прашањето за квалитетот на македонските реформи и стратегии во високото образование кои со години не испорачуваат резултат.
Како се рангираат најдобрите?
Листата „Глобал 2000“ е резултат на анализа на неверојатни 81 милион податоци. За разлика од другите листи, CWUR не користи анкети или субјективни податоци од самите универзитети, туку се потпира на четири објективни столбови:
- Квалитет на образование (25%): Број на алумни со меѓународни награди и признанија;
- Вработливост (25%): Број на алумни кои заземаат високи извршни позиции во светски компании;
- Квалитет на кадар (10%): Број на професори со врвни меѓународни достигнувања;
- Истражувачка работа (40%): Научни трудови, цитираност и влијание на истражувањата.
Светска доминација на САД и подем на Кина
На самиот врв нема изненадувања – првата тројка ја сочинуваат Харвард, МИТ и Стенфорд. Во топ 10 листата, дури осум универзитети се од САД, додека Обединетото Кралство ги има Кембриџ и Оксфорд на 4-то и 5-то место.
Сепак, на глобално ниво, Кина станува велесила во образованието со рекордни 360 универзитети меѓу најдобрите 2.000, престигнувајќи ги САД по вкупен број институции на листата. Значаен успех бележат и Јапонија (102), Франција (71) и Русија (42).
Овој поразителен извештај за Македонија доаѓа во време на чести смени на министри и ректори, докажувајќи дека само кадровските промени, без суштинско вложување во науката и истражувањата, не можат да го запрат падот на реномето на домашните универзитети.