ИНФРАСТРУКТУРНА ОФАНЗИВА ВО КАРПОШ: Започна реконструкцијата на „Загребска“, се интензивираат работите на мостот „Љубљанска“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, денеска го означија почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Загребска“. Оваа сообраќајница е од витално значење за овој дел од градот, пред сè поради тоа што претставува главен пристапен пат до Детската болница „Козле“.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека со овој зафат се решава долгогодишен проблем на граѓаните, со оглед на тоа што улицата беше во исклучително лоша состојба.
„Безбедниот пристап до здравствените установи мора да биде приоритет. Проектот опфаќа целосна санација на коловозот, но и изградба на потпорен ѕид со должина од 50 метри и висина од четири метри. Со ова не само што ќе добиеме нов асфалт, туку и долгорочна стабилност на теренот“, изјави Ѓорѓиевски.
Одблокирани клучните капитални проекти
За време на увидот, првиот човек на Скопје информираше дека општината Карпош во моментов е големо градилиште каде се придвижени проекти кои со години беа заглавени во лавиринтот на бирократијата. Како најзначаен го посочи мостот на улицата „Љубљанска“.
„Мостот на ‘Љубљанска’ конечно е одблокиран и се гради со засилено темпо. Веќе се подигнуваат потпорните ѕидови, што е најава за негово брзо пуштање во употреба и драстично намалување на сообраќајниот метеж во овој реон“, нагласи градоначалникот.
Дополнително, Ѓорѓиевски посочи дека изградбата на комплексната клучка кај „Момин Поток“ напредува според планот. Таму веќе се градат три моста, а дел од новата траса е веќе под првиот слој асфалт.
Нов „зелен бел дроб“ за Карпош
Покрај патната инфраструктура, Град Скопје најави и голем проект за заштита на животната средина. Станува збор за нов парк на површина од рекордни 70.000 квадратни метри, кој ќе биде лоциран меѓу булеварите „Илинден“ и „Љубљанска“. Паркот ќе нуди содржини за спорт, рекреација и одмор, со што значително ќе се подигне квалитетот на живеење во овој дел од метрополата.
„Го враќаме развојот во Скопје преку конкретни дела. Продолжуваме силно со инвестициите во секоја општина“, порача Ѓорѓиевски.