Драма кај штипско Селце: Силниот ветер го разгоре пожарот, хеликоптери и пожарникари со натчовечки напори ги спасуваат викендиците

9

Силниот и непредвидлив ветер попладнево дополнително ја усложни состојбата со пожарот во атарот на штипското село Селце, предизвикувајќи негово брзо разгорување и ширење. Како што информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на теренот веднаш се упатени дополнителни сили, при што во гаснењето се вклучени голем број професионални и доброволни пожарникари, како и противпожарни хеликоптери.

Одбрана на стотици загрозени објекти

Главниот фокус на противпожарните тимови во моментов е поставување непробојна одбранбена линија околу викенд-населбата, чии објекти се најдоа во непосредна опасност да бидат зафатени од огнената стихија.

„Пожарникарите со огромна пожртвуваност успеаја да ја сопрат линијата на огнот. Постоеше реална и директна опасност за викенд-куќите, кои по бројност на ова подрачје надминуваат едно големо македонско село. Во овој момент состојбата е ставена под контрола и на повеќе клучни точки имаме распоредено доволен број луѓе и механизација“, изјави Ангелов.

Опасност од ширење кон планината Серта

Сепак, надлежните предупредуваат дека ризикот сè уште не е поминат. Огнениот крак се движи во правец кон планината Серта – планински масив кој важи за исклучително тежок и непристапен терен и каде што речиси секое лето избиваат долготрајни и масовни пожари.

Воздухопловните сили продолжуваат со дејствување врз критичните точки за да се спречи навлегувањето на пламенот подлабоко во шумскиот појас, додека екипите на земја остануваат во целосна приправност поради силниот ветер кој во секој момент може повторно да го распламти огнот.