Јаневска на првиот училишен ден: Учебници има за сите, но првачињата треба да побараат братче или сестриче за да не ги затвораме училиштата

12

Образовниот систем е целосно подготвен за стартот на новата учебна година – учебниците се навреме дистрибуирани, училишната инфраструктура се подобрува, обезбедени се технички помагала, а во функција е и мерката „училишна кошничка“ за поевтин прибор. Ова денеска го порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска, честитајќи им го почетокот на наставата на сите ученици и наставници со желби за многу успех и знаење.

Сепак, министерката упати невообичаен апел и предупредување во однос на алармантниот демографски пад во државата, кој услови привремено затворање на 26 подрачни училишта во руралните средини и дефицит од речиси 3.000 првачиња во споредба со минатата година.

„Побарајте братче или сестриче за повторно да ги отвориме училиштата“

Јаневска посочи дека доколку продолжи сегашниот негативен тренд, државата ќе биде принудена континуирано да става клуч на училишните згради.

„Ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби една порака до првачињата: освен што ќе бараат да стекнат знаење, можеби треба дома да побараат да стекнат и братче или сестриче, за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме. Населението мора да стане свесно колку е значаен човечкиот капитал за сопствениот живот, но и за татковината и нејзиниот развој“, нагласи Јаневска за време на посетата на ОУ „Киро Глигоров“.

Подобрување на условите за задржување на младите семејства

Министерката додаде дека демографијата бара сеопфатен пристап од сите општествени чинители, потсетувајќи дека Министерството за образование и наука веќе презема конкретни мерки за поттикнување на семејните вредности уште од најмала возраст.

„Пред две години изработивме три наменски сликовници за учениците од прво до трето одделение со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“ и се надевам дека училиштата активно ги користат. Работиме сериозно на подобрување на условите: нови наставни програми, современа технологија и редовна набавка на учебници. Сè што правиме е со цел децата да се чувствуваат убаво во Македонија, бидејќи кога условите се добри, верувам дека и родителите ќе се охрабрат да останат тука и да формираат поголеми семејства“, заклучи министерката Јаневска.