ЗАКОН ЗА ПУШЕЊЕ: Крај за „сивата зона“ на терасите, угостителите добиваат една година за адаптација

6

Владата утре на седница ќе го разгледа новиот Предлог-закон за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, кој носи попрецизни правила за пушењето во јавните објекти и става крај на нејаснотиите околу летните тераси. Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, законот ќе стапи во сила веднаш по изгласувањето во Собранието, но бизнис-секторот ќе добие „грејс период“ од 12 месеци за прилагодување на капацитетите.

На завршниот состанок со претставниците на тутунската индустрија и угостителите, премиерот нагласи дека се работи за компромисно решение донесено низ инклузивен процес.

Прецизни критериуми за терасите и ригорозни контроли

Една од клучните новини во законот е дефинирањето на условите под кои ќе биде дозволено пушење на терасите на угостителските објекти. Со ова се затвора досегашната „сива зона“ и се воведуваат јасни критериуми за адаптација и пренамена на просторот.

„Ако некој мисли дека ќе биде повластен и дека нема да го почитува законот, се лаже. Можеби ќе поминете еднаш или двапати, но третиот пат сигурно ќе бидете фатени и санкционирани. Нема да има простување за никого“, порача Мицкоски.

Министерот за здравство, Азир Алиу, појасни дека за разлика од претходно, сега се воспоставува функционален надзор. Наместо неколку органи со нејасни надлежности, новиот закон предвидува 14 надзорни органи со прецизно разграничени задачи, што треба да гарантира негова спроведливост на терен.

Бизнис секторот задоволен од партнерскиот пристап

Од Туристичко-угостителската комора изразија благодарност за едногодишниот период за адаптација. Перица Голомеиќ истакна дека овој рок е неопходен за секторот да претрпи што е можно помали економски последици додека се прилагодува кон новите стандарди за заштита на јавното здравје.

Васко Ристовски од Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора посочи дека индустријата ги поддржува заложбите за заштита на малолетниците, но предупреди дека прекумерната регулација може да ја поттикне нелегалната трговија.

„Поддржуваме решенија кои овозможуваат одржливост и диференцијација меѓу традиционалните и новите тутунски производи. Регулацијата на новите производи треба да остане во фокусот, користејќи ги европските практики и меѓународната експертиза“, истакна Ристовски.

Новиот закон има за цел да воспостави рамнотежа меѓу јавно-здравствените приоритети и економската одржливост на угостителскиот сектор, истовремено усогласувајќи ја домашната регулатива со современите европски практики.

Македонски