ПОЛИТИЧКА ВОЈНА ЗА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК: ВЛЕН и ДУИ во клинч за правосудниот испит и „привилегиите на моќниците“

1

Прашањето за употребата на албанскиот јазик во правосудниот систем ги распламти политичките страсти меѓу Демократската унија за интеграција (ДУИ) и коалицијата ВЛЕН. Додека опозициската ДУИ обвинува за неспособност на новата власт, ВЛЕН возвраќа со обвинувања за долгогодишно системско запоставување на албанските студенти и селективна правда.

Конфликтот ескалираше по најавата на првиот вицепремиер Беким Сали дека наскоро ќе се најде „конечно решение“ за употребата на јазиците. Од ДУИ денеска иронично коментираа дека отсуството на решение е, всушност, „добра вест“.

„Во четвртокот најавија конечно решение, денес е петок – решение нема. Секое решение надвор од постојниот Закон за јазиците би било катастрофално. Очигледно е дека оваа власт не е способна да понуди дури ни лоши решенија“, соопштија од партијата на Али Ахмети.

ВЛЕН: ДУИ молчеше со години, системот работеше само за синот на Џафери

На обвинувањата експресно одговорија од коалицијата ВЛЕН, потсетувајќи дека ДУИ со години ги водеше клучните ресори, вклучително и Министерството за правда, но не го реши проблемот со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Тие директно ги прозваа поранешните министри Блерим Беџети и Аднан Јашари.

„Имаа мандат и надлежности, но немаа волја за обичните албански студенти. Додека граѓаните чекаа, системот функционираше експресно само за луѓе блиски до врвот на ДУИ“, велат од ВЛЕН.

Од коалицијата повторно го отворија случајот со синот на Талат Џафери, тврдејќи дека токму во мандатот на Аднан Јашари, нему му било овозможено да полага правосуден испит пред воопшто да дипломира. ВЛЕН побара јавно објаснување од Јашари за овој случај и за причините поради кои албанскиот јазик остана надвор од правосудните испити за време на неговото раководење.

Најава за системски промени

Од ВЛЕН најавија дека веќе работат на трајно и системско решение со кое ќе се овозможи правосудниот и сите други професионални испити во иднина да можат да се полагаат на албански јазик, без пречки и одолговлекувања.

Оваа последна меѓупартиска пресметка доаѓа во време кога етничките прашања и употребата на јазиците повторно се наоѓаат во фокусот на јавноста, а меѓусебните обвинувања за корупција и непотизам стануваат сè почести меѓу старите и новите претставници на Албанците во власта.

Македонски