Нон-Пејперот на Мерц: Придружно членство за Украина, за Западен Балкан статус на набљудувач и пристап до пазарот
Предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за нова стратегија за проширувањето на Европската Унија предизвика лавина реакции и различни толкувања во регионот – од стравувања дека на Западен Балкан му се затвора вратата за полноправно членство, до оптимизам дека процесот конечно ќе се забрза.
За да се избегнат шпекулациите, најдобро е да се погледне изворниот документ, односно писмото на Мерц до европските функционери. Во него, тој јасно порачува дека проширувањето е „геополитичка неопходност“, но признава дека процесот трае предолго, што создава фрустрации кај сите страни. Затоа, тој предлага „нова динамика“ поделена во два сегмента: еден за Украина, а друг за Западен Балкан и Молдавија.
Украина: „Придружно членство“ поради воената состојба
Анализирајќи ја состојбата во Украина, Мерц посочува дека поради војната, ЕУ нема време за одложувања и долги ратификациски процеси. Иако крајната цел останува полноправно членство, тој предлага иновативен меѓучекор наречен „придружно членство“.
Овој статус, кој би се вовел со силен политички договор без промена на основните договори на ЕУ, би значел директно вклучување на Киев во европските институции, но без право на глас. Предлогот ги опфаќа следните точки за Украина:
- Присуство на состаноците на Европскиот совет и Советот на ЕУ (без право на глас).
- Придружен еврокомесар и придружни европратеници (без портфолио и право на глас).
- Придружен судија во Европскиот суд на правдата.
- Постепено, а не автоматско користење на буџетот на ЕУ, условено со напредокот во реформите.
- Целосно усогласување со европската надворешна политика и активирање на членот 42.7 (безбедносна гаранција од ЕУ за Украина).
- Механизам за суспензија доколку има назадување во владеењето на правото.
Мерц смета дека ова ќе биде силен политички сигнал кој ќе помогне и во идните мировни преговори, без притоа овој „специјален статус“ да влијае негативно врз другите земји-кандидатки.
Западен Балкан и Молдавија: Постепена интеграција и статус на набљудувачи
Во однос на земјите од Западен Балкан и Молдавија, Мерц е дециден дека ветувањето од Солун од 2003 година останува на сила – целта е полноправно членство. Сепак, за земјите кои со години се заглавени во чекалната, тој предлага иновативни решенија за забрзување на процесот преку систем на градуално (постепено) пристапување.
Конкретните предлози за регионот вклучуваат:
- Привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ пред полноправното членство.
- Статус на набљудувач во сите релевантни институции на ЕУ во секојдневниот процес на носење одлуки.
- Заеднички седници на Европската комисија и Европскиот парламент со претставници од Западен Балкан за прашања директно поврзани со регионот.
- Постепена институционална интеграција која ќе биде директно условена со суштински напредок во реформите.
„Сето ова значително би ги приближило земјите кандидати до нас и би поттикнало нова амбиција за реформите потребни за полноправно членство“, пишува Мерц.
На крајот од писмото, тој повикува на итно формирање на посебна работна група во рамките на Европскиот совет, која би ги разработила деталите за овој нов, двоен пристап за проширувањето на Европската Унија.