Муцунски и Петрова на средба во Шведска: Разговори за евроинтеграциите, Коридорот 8 и билатералните односи

1

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, остварил средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, во рамки на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Шведска.

Информацијата за средбата ја објави Муцунски преку социјалните мрежи, наведувајќи дека двајцата министри разговарале за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на земјата.

Според објавата на македонскиот министер, во разговорите не било конкретно споменато внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав – услов кој е дел од европската преговарачка рамка за почеток на преговорите со Европска Унија.

Муцунски повторил дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на преговори. Воедно, тој го отворил и прашањето за правата на, како што навел, „македонското малцинство во Бугарија“.

Од друга страна, според соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, Петрова-Чамова ја повторила официјалната позиција на Бугарија дека целосното исполнување на обврските преземени во рамки на европскиот консензус од јули 2022 година е клучен предуслов за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.

Бугарската министерка истакнала и дека гарантирањето на правата на македонските Бугари останува приоритет за Софија.

На средбата било разговарано и за инфраструктурните проекти, при што Муцунски ја нагласил важноста на Коридор 8 и потребата од забрзување на активностите за отворање на граничниот премин „Клепало“, како дел од регионалното економско и транспортно поврзување.

Македонски