УСВОЕН РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ВО КАРПОШ: Повеќе пари за училиштата, јавната хигиена и студија за користење техничка вода

8

Советот на Општина Карпош на денешната 13-та седница ги усвои измените и дополнувањата на општинскиот Буџет за 2026 година. Мнозинството советници дадоа зелено светло за ребалансот, со кој се предвидуваат зголемени средства за капитални инвестиции во образованието, унапредување на јавната чистота, како и изнаоѓање алтернативни еколошки решенија за одржување на зеленилото.

На дневен ред се најдоа вкупно 19 точки, а клучен фокус беше ставен на финансиското работење и новите донации за општината.

Зголемување на општинската каса

Како што беше образложено од Секторот за финансии, потребата за ребаланс произлегува од приливот на нови средства. Имено, од Министерството за финансии се доделени над 28,5 милиони денари по основ на данок на додадена вредност (ДДВ), а дополнително е распореден и пренесен вишок од минатата година во висина од над 23,3 милиони денари, како и вишок кај блок дотациите од околу 3,6 милиони денари.

Со овие промени, приходната страна на консолидираниот Буџет на Општина Карпош бележи раст, зголемувајќи се од првичните 1,33 милијарди на 1,37 милијарди денари.

Каде ќе се трошат парите?

Зголемениот буџет ќе биде насочен кон неколку приоритетни области. За програмата за јавна чистота, средствата се зголемуваат на 58,7 милиони денари. Значителен раст бележат и капиталните расходи за основното образование, кои од 10,1 милион скокаат на 19,2 милиони денари. Овие финансии се наменети за опремување на новите спортски сали во основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“, проект кој се реализира во соработка со Владата.

Дополнително, зголемени се и средствата од самофинансирачките активности, кои ќе се искористат за покривање на комуналните трошоци, тековно одржување и оперативни расходи на градинките и основните училишта.

Покрај буџетските измени, Советот ги усвои и дополнетите програми за 2026 година кои ги опфаќаат екологијата, спортот, ИТ секторот, социјалната заштита и уредувањето на градежното земјиште.

Донации за училиштата и Ресурсниот центар во „Партизан“

На седницата беа прифатени и неколку значајни донации. АД Халкбанк Скопје донира опрема (лаптопи, принтери, клима уреди и мебел) во вредност од околу 376 илјади денари за Ресурсниот центар на Општина Карпош, кој ќе биде сместен во култниот спортски објект „Партизан“.

Компаниите „Централ-Х“ и „ЕМ ГРУП Електрометал“ донираа основни проекти за термотехника (греење, ладење и вентилација) наменети за спортските сали во ООУ „Братство“ и ООУ „Димо Хаџи Димов“, во вредност од 95.000 денари.

Техничка вода за миење улици и полевање на зеленилото

Една од позначајните одлуки донесени на денешната седница е изработката на физибилити студија за утврдување извори на техничка вода на територијата на Карпош.

Општината континуирано се соочува со потреба од големи количини вода за одржување на јавното зеленило. Со обезбедувањето на техничка вода, локалната самоуправа планира да ги наводнува парковите и да ги мие улиците во летните месеци, со што драстично ќе се заштеди водата за пиење во периоди кога градот се соочува со зголемена потрошувачка.

На седницата беше формирана и шестчлена комисија која ќе работи на Нацрт-одлуки за измена на Деловникот и Статутот на општината.

Македонски