Георгиевски со остра порака до Софија: Крстоносната војна против терминот „македонски“ е историски автогол за Бугарија
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски преку социјалните мрежи упати остра критика кон бугарската политика, медиуми и јавност во врска со употребата на терминот „северномакедонски“. Тој смета дека Бугарија води целосно погрешна стратегија, поради која губи секакво влијание во Македонија на сметка на Србија.
Коментирајќи ја неодамнешната изјава на министерката Велислава Петрова Чамова, во која беше употребена придавката „северномакедонски“, Георгиевски оценува дека станува збор за логична грешка каква што претходно направиле стотици меѓународни дипломати и истата веројатно ќе биде поправена.
Сепак, според него, вистинскиот проблем лежи во реакциите на бугарските социјални мрежи и дел од медиумите кои жестоко ја бранат оваа изјава.
„Бугарија го презема гневот наметнат од Грција и ЕУ“
Георгиевски истакнува дека ваквиот однос во Бугарија претставува непотребен говор на омраза кој останал како наследство од времето на ветото. Тој повлекува интересна политичка паралела за тоа како Софија свесно се става во улога на главен непријател на Македонците.
„Како што со ветото Бугарија го презеде гневот од Германија и Франција, кои трипати го одложија нашиот прием во ЕУ, така сега го презема гневот на Македонците од Грција, чија примарна специјалност беше спорот со името“, анализира Георгиевски.
Историски парадокс: Од синоними до најголеми непријатели
Поранешниот премиер потсетува дека поимите „Македонец“ и „македонско“ отсекогаш биле присутни во бугарската историска литература, дури и како синоними.
„Денешните бугарски ‘патриоти’ успеаја да претстават пред меѓународната заедница дека тоа се двата најнепријателски народа. Крстоносната војна што ја водат некои бугарски аналитичари против името ‘Македонец’ и придавката ‘македонски’ е еден од најголемите автоголови во бугарската идеолошка историја“, дециден е Георгиевски.
„Србија ја освојува Македонија, Бугарија се радува на ситни победи во извештаи“
Особено внимание во неговата објава предизвикува споредбата меѓу српската и бугарската политика кон Македонија по изрекувањето на бугарското вето за ЕУ.
„Додека српската политика го достигнува својот врв на србизација на Македонија после ветото, бугарската политика се радува на ситни победи во документи и извештаи. Конечно, после 115 години порази од Србите во Македонија, време е да почнете да учите од нив“, им порача Георгиевски на политичките елити во Софија.
Ваквиот став на Георгиевски доаѓа во период кога односите меѓу Скопје и Софија се наоѓаат во статус-кво ситуација, оптоварени со историски прашања и условувања поврзани со евроинтегративниот пат на државата.