ИНЦИДЕНТ ВО ТЕТОВО: Група од 20 младинци нападнале двајца осумнаесетгодишници во Тетово
Осумнаесетгодишно момче и неговиот другар биле физички нападнати доцна синоќа од поголема група младинци на улицата „Ленин“ во Тетово. Според пријавата во полицијата, нападот бил проследен со провокации и навреди на национална основа.
Инцидентот во СВР Тетово го пријавил еден од нападнатите, М.М. (18) од Тетово, десетина минути пред полноќ.
Провокации на национална основа и физички напад
Според исказот на пријавителот, тој и неговиот врсник Љ.Ф. се движеле пеш по улицата „Ленин“. Во близина на мостот на реката Пена, тие забележале група од дваесетина младинци кои во тој момент цртале графити.
Настанот ескалирал кога едно од лицата од групата им се обратило со провокативни зборови на национална основа. Набрзо потоа, групата ги опколила двајцата другари, по што уследил и физички напад.
Препознаен еден од учесниците во групата
И покрај хаотичната ситуација и фактот што дел од напаѓачите биле маскирани, пријавителот успеал да препознае едно од лицата во групата. Станува збор за сограѓанин со иницијали Л.Џ. од Тетово, чиј идентитет и е пренесен на полицијата.
Од СВР Тетово информираат дека веднаш се преземени сите неопходни оперативни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, лоцирање на останатите членови на групата и поднесување на соодветни пријави за насилство со елементи на меѓуетничка нетрпеливост.