Отворена студентската изложба „Домување, обликување, движење“ во Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје

23

Вчеравечер, на 26 февруари 2026 година, во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје беше свечено отворена семестралната студентска изложба на студентите од Факултетот за Архитектура на МИТ Универзитетот од Скопје, на тема „Домување, обликување, движење“. Оваа изложба претставува истражување на трите суштински димензии на архитектурата и урбанизмот – начинот на кој живееме, како го обликуваме просторот и како се движиме низ него, физички, социјално и функционално.

Модуларна архитектура и биофилни решенија

Посебен акцент на изложбата е ставен на проектите од областа на модуларната архитектура, кои ја истражуваат флексибилноста и адаптибилноста во проектирањето. Паралелно, претставени се и биофилни решенија кои ја нагласуваат нераскинливата врска помеѓу човекот и природата, нудејќи одржливи и хумани простори за живеење.

Целта на изложбата „Домување, обликување, движење“ беше да се прикажат студентските истражувања кои ги опфаќаат трите клучни аспекти на архитектурата и урбанизмот – живеењето, обликувањето (проектирање) на просторот и движењето низ него.

Преку различни проектантски и експериментални пристапи, студентите демонстрираат современи размислувања за флексибилност, одржливост и односот помеѓу човекот и просторот. Изложбата претставува и платформа за афирмација на младите архитекти и нивниот креативен потенцијал. Воедно, изложбата го отсликува и современиот едукативен пристап на факултетот, кој ги интегрира најновите архитектонски дисциплини и методологии во наставата.

Посебен акцент се става на теми како модуларната архитектура и биофилниот дизајн, преку кои студентите се поттикнуваат да развиваат иновативни, одржливи и адаптибилни решенија за иднината. Овој пристап овозможува создавање на архитекти кои се подготвени да одговорат на современите просторни и општествени предизвици.

– кажа доц. д-р Дамјан Балкоски, продекан за настава на Факултет за архитектура при МИТ Универзитет – Скопје.

Над 40 модели на просторни трансформации

Изложбата е збогатена со над 40 мали модели на тема „Просторни трансформации“. Овие модели го прикажуваат процесот на истражување преку експериментирање со форми, структури и просторни односи, претставувајќи го развојот на архитектонската мисла, чувството за простор, композиција и динамика кај младите автори.

Признание за трудот на студентите

На отворањето беа доделени благодарници на студентите чии проекти се дел од поставката, како признание за нивниот труд, креативност и посветеност во текот на семестарот.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 3 март 2026 година во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“.

Македонски